Меѓу точките на дневниот ред на денешната 130. собраниска седница е и изборот на членови на Советот за граѓански надзор, тело чија задача е да проверува дали институциите законски ги спроведуваат мерките за следење на комуникациите
Советот е предвиден со Законот за следење на комуникациите и има задача да обезбеди дополнителен надзор над работата на институциите овластени за спроведување на ваквите мерки
Од партијата Левица денеска соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да воспостави политичко влијание врз Советот за граѓански надзор, тело задолжено за надзор над следењето на комуникациите и работата на безбедносните служби.

„ДПМНЕ повторно посегнува по една од најчувствителните институционални брани против злоупотребата на државната моќ. Наместо независен надзор над тајните служби, владејачката партија го претвора Советот за граѓански надзор во уште еден полигон за политичко влијание, каде што партиските релации очигледно тежат повеќе од стручноста и независноста“,
се вели во партиското соопштение.
Според Левица, на предлог на пратеникот Миле Лефков, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ги предложила Андон Дамовски, социјален работник, и Гордана Стефковска-Вељановска, психолог, за членови на Советот.
„Она што власта го премолчува е дека Вељановска е сопруга на Роберт Вељановски, директор на Драмски театар и поранешен член на Извршниот комитет на ДПМНЕ“,
пишува во соопштенето.
Поддршка од Комисијата, како што велат, не добиле петмина други кандидати со образование од правните и безбедносните науки.
„ДПМНЕ се обидува да воспостави контрола врз контролорите, додека вистинскиот граѓански надзор со години останува само мртва буква на хартија“,
додават од Левица, оценувајќи дека партиските и семејните релации имаат предност пред стручноста и независноста.
Од партијата потсетуваат дека Европската комисија во својот извештај констатирала оти Советот за граѓански надзор не функционира од неговото законско воспоставување во 2018 година.
Дополнително, во соопштението се наведува дека во текот на 2025 година собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите не спровела ниту еден надзор над овластените органи, операторите и Оперативно-техничката агенција.
„Сето ова се случува во момент кога Владата на Мицкоски најавува ново прекројување на безбедносно-разузнавачкиот сектор, додека Европската комисија предупредува на недоволна независност и институционални слабости во системот на надзор“,
велат од партијата.
Левица предупредува дека секој обид за политичко влијание врз телата што треба да го контролираат следењето на комуникациите претставува ризик за демократскиот поредок.
