Премиерот вели дека Владата не може да ги обезбеди законски предвидените средства за судството и обвинителството. Во интервјуто за Сител тој го критикуваше и кривичниот оддел на Врховниот суд, за кој рече дека враќа на повторно судење предмети во кои се засегнати функционери на ДУИ за тие да застарат

Владата не може да ги обезбеди законски предвидените буџети за судството и за јавното обвинителство, но со Европската Унија има договор за постепено зголемување на нивните буџети, рече премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за ТВ Сител. Тој тече дека судовите веќе добиле дозволи за повеќе од 200 вработувања и најави уште толку за следната година.
„Јас можам да ви гарантирам дека не станува збор за парите. Еве, сега преку судски буџет, судовите во Македонија добија дозволи за вработување на повеќе од 200 луѓе. И следната година ќе добијат уште толку. Платите им се покачени на судиите“,
рече Мицкоски.
Според премиерот, законски предвидените износи не се издвојувале ниту во претходните години, а просторот за зголемување на буџетите сега го ограничуваат и обврските за отплата што, како што рече, ги наследила Владата. За јавните обвинители најави дека ќе добијат повисоки плати, без оглед на исходот од одлуката што се очекува од Уставниот суд.
„Но, како и да е, имаме договор со Европската Унија како постепено да ги зголемуваме буџетите. Јас ви гарантирам, еве сега во вашата емисија, здравје Боже, ќе бидеме живи и ќе зборуваме, дека нема да има ни милиметар поместување, затоа што вие со пари не можете да купите морал. Моралот е роден. Или го имате или го немате“,
рече премиерот.
Мицкоски потоа рече дека неговата критика се однесува на мала група луѓе во правосудството и го обвини кривичниот оддел на Врховниот суд дека враќа предмети на повторно судење за тие да застарат.

„Јас зборувам за една мала група луѓе којашто ги контаминира другите луѓе. Еве, да речеме, каква е одговорноста на Врховниот суд? Дали некој прашува како работи Врховниот суд? И зошто кривичниот оддел при Врховниот суд континуирано поништува дела каде што се засегнати функционери од Демократската унија за интеграција и ги враќа во прв степен за да застарат“,
праша Мицкоски.
Во тој контекст, во интервјуто беа споменати предметите за автобуската несреќа кај Ласкарци и за пожарот во модуларната болница во Тетово. Премиерот ги повика новинарите да истражат кои судии одлучуваат во кривичниот оддел на Врховниот суд.
За застарувањето на предметите како последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, Мицкоски рече дека одговорноста е на претходната влада. Според него, измените што ги предлага сегашната влада, доколку бидат усвоени, ќе важат за идни дела на висока корупција.
