Од Форумот велат дека за да се утврди дали одлуката на судот во Каиро се однесува на нивното здружение, потребни се официјални документи и проверка на правниот идентитет. Претходно денеска и претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамет Муртези, го демантира тврдењето на албанската телевизија Топ ченел дека тој го предводи посочениот Форум

Исламскиот младински форум – Скопје ги отфрла обвинувањата во кои се поврзува со организација од Македонија што се најде на египетската листа на терористички организации. Во допис насловен како јавен демант, скопското здружение најави дека ќе поведе судски постапки и ќе бара надомест на штета од оние за кои ќе се утврди одговорност за ширење невистинити и штетни тврдења.
„Нагласуваме дека споменувањето во документи на странски институции не претставува правен доказ дека станува збор за организацијата на која се однесува една таква неоснована одлука. Таквата идентификација бара официјална документација и прецизна проверка на правниот идентитет на организацијата“,
се вели во демантот.
Од Форумот велат дека станува збор за граѓанска организација основана во Скопје во 2000 година, која повеќе од 25 години работи во областа на образованието, културата и развојот на младите. Наведуваат дека реализирале проекти со поддршка од Европската Унија, ОБСЕ и домашни институции. Во реакцијата го критикуваат и односот на египетските власти кон независните граѓански организации, а медиумите ги повикуваат да ги проверуваат изворите пред да објават тврдења што можат да му наштетат на угледот на здружението.
„360 степени“ претходно денеска, повикувајќи се на порталот „Религија“, објави дека со одлука на Кривичниот суд во Каиро, меѓу 35 субјекти ставени на египетската листа за период од пет години е и организација од Македонија. Во списокот е наведена под арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“, во превод „Исламско младинско здружение“. Уште во првичната објава беше посочено дека, и покрај сличноста на имињата, од јавно достапните податоци не може со сигурност да се потврди дека станува збор за Исламскиот младински форум – Скопје.
Подоцна албанската телевизија Топ ченел објави дека организацијата од египетската листа ја предводи Мухамет Муртези, претседател на Советот на Општина Чаир и кадар на Влен. Муртези реагира дека никогаш не бил на чело на Исламскиот младински форум. Тој ја оцени објавата како политички мотивирана и посочи дека во неа се споменуваат неговата припадност кон Влен и поддршката за студентските протести во Албанија. Најави и дека ќе преземе правни чекори против телевизијата.
