
Новото законско решение со кое СЈО се претопува во редовното обвинителство со нов назив, Обвинителство за организиран криминал и висока корупција, е најдобрата можна алтернатива за помирување и за обезбедување на евроатлантската иднина на земјава, рече премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот. Пратениците да се консолидираат и законот да се донесе, порача Заев, за да не се остават аргументи зошто не е решена иднината на СЈО пред октомври, кога земјава очекува да добие зелено светло за отпочнување преговори со ЕУ. Законот за јавно обвинителство, го начна пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири кој го праша премиерот дали за шеф на новото обвинителство ќе биде назначен Владимир Панчевски.
„Прашањето е многу актуелно. Се потроши многу време на работни групи меѓу власта и опозицијата. Очекувам конечно разумно однесување иако не го гледам. Овие денови навистина очекувам Парламентот да ги запази роковите… Да го предложите Владимир Панчевски за шеф, човек кој буквално во целиот свој мандат го злоупотребувал системот за распределба на предмети и ги давал стрикно на избрани судии, човек кој има вакво минато и Судскиот совет тоа го утврдил. И сега шефот на опозицијата го предлага Панчевски? Ако им дадам, мислам дека ќе го предложат и Никола Груевски. Не може вака да се бориме за правната држава“,
рече Заев.
Заев објасни дека обвинителите од СЈО имаат мандат до септември 2020-та.
„Принципиелноста во изборот, реизборот или неизборот на обвинителите кои се дел од СЈО и еднаквоста со сите други обвинители, тие имаат мандат до септември 2020 можат да конкурираат или не . Политичарите да не бираат јавни обвинители“,
рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител вчера за шеф на новото обвинителство го предложи поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски кој доби суспензија од Судскиот совет . Опозицијата не сака целокупниот кадар на СЈО да се префрли во новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција, поради како што вели Мицкоски „контаминираноста“ со случајот Рекет. Сите постапки кои СЈО ги отвори до 30 јуни 2017 година, Мицкоски вели дека сега треба да ги преземе и распредели државниот јавен обвинител. Постапките кои СЈО ги отвори по овој рок, тој ги квалификува како правна фикција.
Денеска на средби со државниот врв и лидерите на политичките партии е еврокомесарот Јоханес Хан, кој на прес-конференција во Владата порача дека никој не смее да биде амнестиран поради поради пропуштени рокови.
*поврзана вест: Црвените линии на Хан – никој не смее да биде амнестиран
Владата го испрати предлог-законот за јавно обвинителство во Собранието, но тој засега нема целосна поддршка од ниту една опозициска партија.