Планот е преку посебен граничен премин дневно да поминуваат околу 200 камиони со повеќе од 6 000 тони јаглен за РЕК „Битола“. За ТЕЦ „Неготино“, пак, премиерот очекува производствена цена за околу половина пониска од берзанската
Премиерот Христијан Мицкоски предупредува дека енергетската криза се продлабочува и дека претстои тежок период во кој ќе биде важно земјава да произведува повеќе струја. На брифинг со новинарите тој рече дека Владата развива нов бизнис-модел за државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Планот предвидува јаглен од Косово за работа на сите три блока на РЕК „Битола“ и повторно ставање во погон на ТЕЦ „Неготино“.

Како показатели за продлабочувањето на кризата, Мицкоски ги посочи резервите на гас во Европа, кои, според него, се под 50 отсто, како и растот на цените на гасот и на електричната енергија. Оцени дека големите инвестиции во центри за податоци ја зголемуваат побарувачката за струја во услови на ограничена понуда.
За снабдување на РЕК „Битола“, според премиерот, Владата планира да обезбеди јаглен од Косово по ниска цена. За транспортот се предвидува посебен граничен премин, каде што би биле ангажирани Армијата и Царината. Процената е дека дневно би можеле да поминуваат околу 200 камиони со повеќе од 6 000 тони јаглен. Целта, како што рече Мицкоски, е ЕСМ да обезбеди стабилно производство од трите блока во Битола, а во производството смета и на РЕК „Осломеј“. Тендерот за тоа кој ќе го врши ископот и транспортот треба да заврши до крајот на месецов, рече премиерот.
Вториот дел од планот се однесува на ТЕЦ „Неготино“, за која се предвидува транспорт на мазут од Солун. Според пресметките што ги изнесе Мицкоски, со рестартирањето на централата ЕСМ би можела да произведува струја по цена под 200 евра за мегават-час во споредба со моменталните 350-400 евра на берзите.
