Тој рече и дека според законите и прописите, потребно е да има најмалку две банки за да се организира аукција и праша дали тие се најдени
Филипче се осврна и на тоа зошто Основното јавно обвинителство (ОЈО) не се вклучува во истрагата, како што тоа го прави српското обвинителство, и праша дали тоа не им е доволен индикатор да започнат некаква проверка или истрага

Во кое својство премиерот Христијан Мицкоски кажува дека нашол купци за Алта банка? Што е тој – дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас? Ова се дел од прашањата што денеска ги упати лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
Тој потсети дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, претходно потврдил оти бил информиран за влезот на Алта банка, поставувајќи прашање дали токму Мицкоски бил човекот кој ја донел банката во земјава.
„Очигледно е, а гувернерот Трајко Славески тоа го потврди – дека премиерот знаел се. Ние на тоа укажуваме повеќе од една година за врските со сестринската СНС. Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека Алта банка доаѓа кај нас да ја преземе тогашна Стопанска банка Битола“,
рече Филипче на прес-конференција.
Тој праша со кого е преговарано и дали е тоа Давор Мацура, за кого рече дека е човекот кој од менувачница направи банка со црни, „криминални пари, пари од корупција, од шверц на дрога и ја стави нашата земја во балканскиот картел на Александар Вучиќ. Ете тоа го направи Христијан Мицкоски“.
Филипче отвори прашање и зошто на владина седница се носеле одлуки со кои јавни претпријатија ги отстапувале своите акции во корист на Алта банка, а не на некоја друга банка.
Тој рече и дека според законите и прописите, потребно е да има најмалку две банки за да се организира аукција и праша дали тие се најдени.
„Избрани ли се банките коишто ќе учествуваат на аукцијата? Ако се избрани, зашто не ги знаеме? Ако не се избрани, како тој и во кое својство ги бара и ги најавува“,
праша Филипче.
Тој побара потврда дека и во македонската банка не е истото сценарио како во Србија – дека сè што било пари во Алта банка Белград било само на хартија.
„Дали имаме доказ и за ова? Има обврска да каже и гувернерот и премиерот дали 80 милиони евра на Алта банка тука во Македонија ги имаме. Дали банката ги има парите? Дали граѓаните, фирмите, сите јавни претпријатија коишто ги притискале и премиерот и министерката за финансии да ги префрлат акциите во Алта банка го имаат својот капитал или не? Тоа е прашање на коешто треба да се одговори“,
рече лидерот на СДСМ.
Според него, во други земји анализите околу купување на банка траат по два до три месеци, а не како во случајот кај нас 10 дена.
„Толку време им е потребно на сериозни банки да дојдат, да анализираат и да кажат дали ќе купат или нема да купат некоја банка било каде во Европа или во светот, а не како кај нас за 10 дена ќе се завршела целата работа. Зошто? Да се замаскира целата работа, да се замаскира потеклото на парите, трансакциите, сметките и така натаму“,
додаде тој.
Филипче се осврна и на тоа зошто Основното јавно обвинителство (ОЈО) не се вклучува во истрагата, како што тоа го прави српското обвинителство и праша дали тоа не им е доволен индикатор да започнат некаква проверка или истрага.
Прашањето, како што рече, е и кој би купил банка за која Славески вели дека уште лани била „на стаклени нозе“.
„Кој би сакал да купи банка којашто очигледно е дека според медиумските објави во Белград е врзана со криминални пари, пари од корупција, пари од шверц на дрога, банка за којашто има истрага од Европската централна банка, за којашто во Црна Гора имало истрага“,
рече тој.
Според него, случајот со Алта банка во Црна Гора е вредноста на приближувањето кон Европа, европскиот пат и европските вредности.
„Не може да влегуваат во Европа вакви криминални банки со сомнителен капитал и тоа е една од причините зошто премиерот Христијан Мицковски не го продолжува европскиот пат кај нас за да може вакви сомнителни трансакции да се прават и да се загрозува целокупниот банкарски и финансиски сектор и систем“,
обвини Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче ги отфрли тврдењата на власта дека опозицијата креира црни сценарија, порачувајќи дека најцрното сценарио за земјата се случува откако актуелната влада е на власт.
„Вакво црно сценарио од 1991 година досега немало. Од летото 2024 година поцрно сценарио не може да биде. Еве што сакаш ти. Криминални банки со коруптивен капитал, со пари од шверц од дрога. Тука ни донесе кај нас да не можат луѓето да си стигнат до сопствените пари, па си притискал јавни претпријатија да ги продаваат акциите таму“,
кажа Филипче.
