Точната природа на заканата со која се соочила базата на Кралските воздухопловни сили (РАФ) „Милденхол“ сè уште е предмет на размена на информации и анализа меѓу американските официјални претставници, пишува американскиот весник повикувајќи се на извори запознаени со случувањата
Паралелно со преместувањето на леталата, американските воени власти го подигнале нивото на безбедност во базата „Милденхол“, како и во блиската база на РАФ „Лејкенхит“, на нивото „FPCON Charlie“ (Force Protection Condition Charlie), второто највисоко ниво на безбедност во системот на Пентагон
Армијата на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден итно евакуирала дел од своите воени авиони од воздухопловна база во Велика Британија, по предупредувања за потенцијална закана од Иран, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на информации на „Волстрит журнал“.

Точната природа на заканата со која се соочила базата на Кралските воздухопловни сили (РАФ) „Милденхол“ сè уште е предмет на размена на информации и анализа меѓу американските официјални претставници, пишува американскиот весник повикувајќи се на извори запознаени со случувањата.
Според досегашните информации, како последица на безбедносната проценка, најмалку два американски авиони за полнење гориво во воздух во понеделникот наутро (9 ноември) биле пренасочени кон Германија, додека подоцна во текот на денот и повеќе други летала од истиот тип биле испратени на локации во Германија и други европски земји.
Си-ен-ен: Подигнато нивото на безбедност во британските бази
Паралелно со преместувањето на леталата, американските воени власти го подигнале нивото на безбедност во базата „Милденхол“, како и во блиската база на РАФ „Лејкенхит“, на нивото „FPCON Charlie“ (Force Protection Condition Charlie).
Ова е второто највисоко ниво на безбедност во системот на Пентагон, кое се активира кога податоците укажуваат дека е веројатен одреден облик на терористичка акција или насочен напад врз воените капацитети.
Засега нема официјална потврда и детали за случајот од американското Министерство за одбрана, од каде Си-ен-ен побарале коментар.
Во меѓувреме, портпаролот на британското Министерство за одбрана одбил директно да ги коментира последните случувања.
„Британското Министерство за одбрана рутински не ги коментира активностите на другите нации. Авионите и останатите ресурси се движат редовно во согласност со оперативните барања“,
изјавил портпаролот на Министерството, објави Си-ен-ен.
Втор случај за кратко време
Вчерашниот инцидент не е прв случај база во Велика Британија што ја користат САД за воените операции во Иран да биде цел на потенцијални непријателски дејствија.
Преместувањето на авионите доаѓа помалку од два месеци откако британските власти реагираа поради наводна закана од Иран насочена кон базата на РАФ „Ферфорд“, лоцирана во Велика Британија.
Оваа база претходно беше користена од американските стратешки бомбардери Б-1 (B-1) за извршување удари врз ирански цели, но леталата беа повлечени од безбедносни причини непосредно, откако пет лица беа уапсени во нејзина близина рано наутро на 27 септември.
Британското обвинителство подоцна покрена обвиненија против двајца британски државјани врз основа на Законот за национална безбедност. Според полициските извештаи, двајцата обвинети се сомничат за директно помагање и соработка со иранските разузнавачки служби.
