Најавувајќи ги разговорите, претставник на американската администрација изјави дека на САД ќе им биде потребна Европа на преговарачката маса за да се стави крај на војната
Европски делегации од Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Европската Унија ќе се сретнат со американски преговарачи во Абу Даби за да разговараат за долгорочната безбедносна архитектура меѓу Русија и Европа, со цел да се најде начин за намалување на идните конфликти

Русија и Украина, со посредство на САД, денес и утре во Абу Даби, ќе ги продолжат разговорите за прекин на војната. Ова се првите преговори меѓу двете земји од февруари наваму, пишува „Гардијан“.
Разговорите се исто така први по заедничките напади на САД и Израел врз Иран, а доаѓаат и по тешките избори на средината од мандатот, кои ја ослабнаа позицијата на Доналд Трамп во домашната политика.
Според претставници на администрацијата, дел од предлогот на тимот на Трамп опфаќа воспоставување нова долгорочна безбедносна архитектура меѓу Русија и Европа.
Најавувајќи ги разговорите, претставник на американската администрација изјави дека на САД ќе им биде потребна Европа на преговарачката маса за да се стави крај на војната.
Европските претставници, како што се додава во написот, стравуваат дека Русија може да остане цврсто при своите барања НАТО да го повлече своето воено присуство од Источна Европа. Ваквиот потег би ги оставил сојузниците ранливи на влијанието на Москва, токму во период на историски тензии со Западот.
Сепак, набљудувачите не очекуваат голем напредок од оваа рунда разговори. САД ќе бидат претставени од специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Кушнер вчера го опиша потенцијалниот нов рамковен договор за Европа. Тој изјави дека САД ќе се залагаат за „поинтензивни консултации, доверлива комуникација во кризни ситуации, поголема воена транспарентност и реципрочни мерки за намалување на ризикот од ескалација, при целосно почитување на суверенитетот и независното одлучување на секоја нација“.
Европски делегации од Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Европската Унија ќе се сретнат со американски преговарачи во Абу Даби за да разговараат за долгорочната безбедносна архитектура меѓу Русија и Европа, со цел да се најде начин за намалување на идните конфликти.
Русија јасно стави до знаење дека не сака Европејците да учествуваат во разговорите, а украинската делегација ќе се состане одделно со нив за да ги информира своите европски сојузници за напредокот на разговорите, кои треба да започнат во 10:30 часот по локално време.
„Правиме сè за да осигуриме дека Европа е учесник во дипломатскиот процес“,
изјави вчера шефот на украинската делегација во разговорите, Рустем Умеров.
Предводена повторно од помошникот на Кремљ, Владимир Медински, како главен преговарач, руската делегација за првпат ги вклучува заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, како и генерал-потполковник Јуриј Жигарловски од Генералштабот на руската армија.
Европски претставник за безбедност од земја што учествува во разговорите изјавил дека американскиот предлог сè уште не е јасен и дека се подготвуваат за можноста САД да понудат сериозни отстапки кон Русија за време на консултациите во Абу Даби.
Нема јавен знак дека Путин е подготвен да се повлече од неговото инсистирање Украина да го предаде целиот Источен Регион Донбас пред да се постигне мировен договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, цврсто одбива да отстапи територија за чија одбрана, како што повеќепати кажа, „загинаа украински војници“.
Во пресрет на разговорите, Зеленски рече дека позицијата на Украина во разговорите се зајакнува со нејзините неодамнешни успеси на бојното поле, кои вклучуваат враќање на дел од територијата во богатиот со јаглен регион Донбас.
„Украинските трупи сега навистина ја зајакнуваат преговарачката позиција на Украина“,
рече Зеленски во синоќешното видеообраќање.
Тој рече дека Русија трпи „рекордни загуби“ – тврдење што Москва го оспори – и го повика Вашингтон да го убеди Кремљ да ја заврши војната.
Американски функционер, како што пренесуваат светките медиуми, изјави дека преговарачите од САД веруваат оти Зеленски и Путин можеби се подготвени да направат компромис по клучното прашање за територијата, при што секој ќе се откаже по малку.
Каја Калас, високата претставничка на Европската Унија, на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Г7, рече дека веќе имаат воспоставена европска безбедносна архитектура кој вклучува меѓународни договори со кои Русија презела обврски, вклучително и во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет. Проблемот, како што рече таа, е што Русија не ги почитува овие договори.
