Оттаму додаваат дека од оваа недела се зголемува неделниот лимит за подигнување готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на Банката, од 10 000 на 15 000 денари

Шалтерите на Алта банка во Тетово и во Струмица, покрај оние во Битола, од денеска се отворени за граѓаните, информираа од Народна банка.
Во овие експозитури граѓаните што немаат платежни картички може да подигнат до 20 000 денари.
Од Народна банка велат дека исплатата на средствата во сите три града се одвива непречено и според утврдениот распоред. Во експозитурата во Струмица на почетокот на работниот ден имало краткотрајно доцнење поради логистичка организација, по што исплатата продолжила согласно предвидената динамика.
„Исплатите ќе продолжат и во следните денови, со цел клиентите на Банката да можат да располагаат со своите средства“,
се вели во соопштението од Народна банка.
Оттаму додаваат дека од оваа недела се зголемува неделниот лимит за подигнување готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на Банката, од 10 000 на 15 000 денари.
„Народната банка континуирано ја следи состојбата и презема соодветни активности, приспособувајќи ги мерките во согласност со развојот на состојбите. Приоритет останува обезбедувањето уредно опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на Банката“,
додаваат од банката.
Во саботата, пред експозитурата на Алта банка во Битола, пристигнаа автобуси полни со пензионери и приматели на социјална помош од Прилеп, Ресен и од Охрид.
