„Јас како градоначалник на Општина Брвеница ќе бидам отворен за сите граѓани без разлика на етничката, партиската и било која друга припадност. Вратата на општината ќе биде отворена за сите, ние ќе бидеме блиску до граѓаните за да го олесниме нивниот живот“, рече јахији во своето обраќање до вработените во општината, медиумите и присутни граѓани
Кандидатот на ДУИ, Аркин Јахији, од денеска и официјално ja презеде градоначалничката функција во Општина Брвеница. Решението за градоначалник му го врачи претседателката на Општинската изборна комисија во Брвеница, Недиме Салаи, а вработените во општината му посакаа добредојде со торта.

Јахији беше избран за нов градоначалник на Општина Брвеница по вториот круг од вонредните локални избори за градоначалник, што се одржа на 1 ноември, кога освои 4 442 гласа, или 258 повеќе од кандидатот на ВМРО-ДППМНЕ и коалцијата, Стојанчо Радичевски, за кого гласаа 4 184 избирачи.
Во обраќањето кон вработените во општината и медиумите, Јахији посочи на неговата изборна програма, каде, како што кажа, јасно навел оти ќе се залага за пофункционална општина, нови работни места, грижа за младите и семејствата и локална власт која ќе биде одговорна во управувањето. Најави дека во иднина во општината ќе се отворат две нови канцеларии – една за иселенциите и една за бесплатна правна помош.
„Јас како градоначалник на Општина Брвеница ќе бидам отворен за сите граѓани без разлика на етничката, партиската и било која друга припадност. Вратата на општината ќе биде отворена за сите, ние ќе бидеме блиску до граѓаните за да го олесниме нивниот живот“,
рече Јахији, пренесе МИА.

Новиот градоначалник на Брвеница на својот фејсбук-прoфил објави видео од денешното преземање на функцијата, средбата со вработени и граѓани, како и од сечењето на тортата. Видеото е придружено со пораката: „Заедно за Брвеница“
Аркин Јахији е роден на 17 март 1981 година во Тетово. Во 2005 година дипломирал како правник на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), а во 2015 година таму стекнал и титула магистер по компаративна јавна администрација на Европската Унија. Има долгогодишно искуство во државната администрација.
Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница се одржаа откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на Општината, Јовица Илиевски.
