Компанијата ја обвини СДСМ зa тенденциознo користење на вонредните административни прилагодувања, откако партијата претходно соопшти дека доцни исплатата на октомвриската плата во државни институции, меѓу кои и во ЕСМ

Платите за вработените во АД ЕСМ ќе бидат исплатени во законскиот рок, велат од најголемата енергетска компанија, по наводите на СДСМ дека тоа е една од институциите каде доцни исплатата и каде вработените, кои вообичаени добивале плата до петти во месецот, сега добиле СМС пораки да бидат трпеливи.
„Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци. Тоа наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 6 ноември, со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата“,
велат од АД ЕСМ.
АД ЕСМ во соопштението додава дека нивното работење, „кое изминатите две години минува низ интензивен процес на финансиска и техничко-технолошка консолидација, не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година“.
„Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор односно преку тенденциозно и лицемерно користење на вонредните административни прилагодувања – да создаваат лажен наратив и да внесуваат немир помеѓу вработените. Во контекст на платите и надоместоците за вработените, би сакале да потсетиме дека е почнат процесот за зголемување на платите во АД ЕСМ согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати. Исто така, на почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100 проценти вредност, а последните две години вработените ја добиваат декемвриската плата пред почетокот на новогодишните празници“,
наведуваат оттаму.
Социјалдемократскиот сојуз денеска обвини дека доцни исплатата на октомвриските плати во државните институции, меѓу кои и во најголемата енергетска компанија ЕСМ. Опозицијата вели дека вработените вообичаено добивале плати до петти во месецот, што сега не е случај. Оттаму додаваат и дека од општини пристигнувале реакции дека преку Трезорот не можат да реализираат плаќања.
