Социјалдемократите велат и дека лидерот на ЗНАМ треба да одговори и на прашањето зошто имал состанок со поранешниот директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, за кого наведуваат дека е поврзан со плантажа за марихуана во Србија и со случајот околу Алта банка
Дополнително, велат оттаму, темата со правосудниот испит сега се турка за власта да се огради од одговорност за загрозената финансиска стабилност поради случајот со Алта банка и празната државна каса
Ставот на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, дека партијата ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот, од опозицискиот СДСМ го оценуваат како обид на коалицискиот партнер во власта да му даде алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

Според социјалдемократите од Бихаќка, ова е последната задача на Димитриевски и ЗНАМ, откако, како што велат во партиското соопштение, пропаднала неговата платформа што му ја направил Мицкоски, по што тој го изгубил целиот кредибилитет на политичката сцена во земјава.
Дополнително, велат оттаму, темата со правосудниот испит сега се турка за власта да се огради од одговорност за загрозената финансиска стабилност поради случајот со Алта банка и празната државна каса.
„Правосудниот испит сега се турка како тема за наводен судир во коалицијата. Целта е да се создаде впечаток на тензија и да се отвори пат за предвремени избори. Да не се признае дека е загрозена финанисиската стабилност заради Алта банка и дека нема пари во буџетот. Максо си го наплати предавството врз партијата и врз гласачите. Сега треба да ја заврши последната задача“,
се вели во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз.
Оттаму упатуваат жестоки критики кон Владата во однос на економијата, надворешната политика, состојбата со јавните претпријатија, како и за случајот со Алта банка, за кој што велат дека е пред стечај, што може да ги остави штедачите без нивните пари.
Социјалдемократите велат и дека лидерот на ЗНАМ треба да одговори на прашањето зошто имал состанок со поранешниот директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, за кого наведуваат дека е поврзан со плантажа за марихуана во Србија и со случајот околу Алта банка.
„Каква била улогата на Максим за српската БИА и за Алта банка? Дали и Максо беше еден од лобистите за Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција? Сега глуми заштитник на државата и на правосудството. Истиот човек што седеше на состанок со човек од БИА, околу банката што пере пари. Истиот што сега преку темата – правосуден испит, треба да му отвори пат на Мицкоски за предвремени избори, во момент кога касата се празни и аферата Алта банка ја тресе државата и граѓаните. Нема да има никакво алиби. Има прашања. И ќе има одговорност“,
велат од СДСМ.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, синоќа во интервју за Сител изјави дека неговата партија нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција.

Како што изјави тој, ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски и најави дека на следниот состанок со него ќе побара лидерска средба на која отворено би се разговарало и би се дефинирале црвените линии со коалициските партнери во однос на начинот на полагање на правосудниот успит и што тоа ќе значи за иднината на државата и за целокупниот правосуден систем.
Според Димитриевски, ова прашање не е изолирано, туку, како што кажа, задира и во пошироки аспекти на функционирањето на правосудниот систем и во државното уредување. Во оваа смисла оцени дека во земјава постојат сили кои сакаат државата од унитарна република еден ден да стане конфедерација.
