За време на средбата во претседателскиот кабинет, шефицата на државата и евроамбасадорот се согласиле дека во изминатата година се постигнати конкретни резултати и го поздравиле препознавањето на земјава како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан
Евроамбасадорот Михалис Рокас попладнево на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2026 година.

За време на средбата во претседателскиот кабинет, соговорниците се согласиле дека во изминатата година се постигнати конкретни резултати и го поздравиле препознавањето на земјава како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.
„Зголеменото ниво на подготвеност во дигиталната трансформација, образованието, регистрираниот напредок во науката и истражувањето и заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, сведочат за манифестиран и докажан институционален капацитет на државата во исполнувањето на европските стандарди“,
порачала Сиљановска-Давкова на средбата со Рокас.
Евроамбасадорот укажал на идентификуваните слабости во Извештајот и на потребата од засилени реформи во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Претседателката изразила очекување дека финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, да донесат видливи промени и напредок во Кластерот „Основи “.
Сиљановска-Давкова оценила дека изоставувањето на Македонија од групата предводнички земји во проширувањето испраќа сигнали до македонската јавност, побара еднаков третман на кандидатките во пристапниот процес, објективно оценување според Копенхашките критериуми и поактивен ангажман на европските институции и земјите членки за деблокада на македонскиот евроинтеграциски пат.
Во рамките на своите уставни надлежности, претседателката посочила дека ќе продолжи да се однесува реформаторски, придонесувајќи за јакнењето на демократијата.
