„Сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки, граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, повторувам, во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка“, рече гувернерот, претставувајќи ги трите нови олеснителни мерки за корисниците на банката
Од следната недела се воведуваат три нови мерки, со кои на клиентите на Алта банка АД Битола ќе им се овозможи полесен пристап до средствата и користење на банкарските услуги – најави денеска на прес-конференција гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Па така, неделниот лимит за подигање готовина од банкоматите на Алта банка и за плаќањето со платежните картички од следната недела се зголемува од 10 000 на 15 000 денари. Граѓаните кои немаат платежни картички, освен од филијалата во Битола, од понеделник ќе може да подигнат готовина и од експозитурите на Алта банка во Тетово и во Струмица. Од шалтерите ќе може да подигнат износ од 20 000 денари.
„Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки. Нив граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, повторувам, во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе можат да располагаат со пристигнатите приливи по овие основи во целосен износ, со користење на платежна картичка или подигање на готовина преку шалтерите“,
изјави Славески на денешната прес-конференција.

Во филијалата на Алта банка Битола вчера започна исплатата на корисниците кои немаат платежни картички, а досега таа се одвива според утврдениот редослед, вели гувернерот, и додава дека само денес биле опслужени околу 660 клиенти на шест шалтери. Просечниот повлечен износ по клиент вчера бил 19 000 денари, а денеска околу 16 000 денари, што, вели Славески, е очекувано поради пониските износи на социјалниот трансфер.
„Исплатата продолжува и во следните денови. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе работи и во сабота, 7 ноември. Неколку часа пред оваа прес-конференција, филијалата на Алта банка АД Битола е речиси празна. Опслужени се сите клиенти кои дојдоа утрово – приматели на социјална помош и приматели на пензии што не успеале тоа да го направат вчера. Утре, како што е познато, ќе работи во две смени“,
изјави гувернерот.
Славески на денешната прес-конференција откри дека засега има шест заинтересирани инвеститори за откупување на Алта банка АД Битола, но не откри дали сите се банки или станува збор за други финансиски институции. Рече дека Народната банка е проактивна кога се работи за контактите со потенцијални инвеститори.
