Министерката информира дека и премиерот Христијан Мицкоски лично се заинтересирал за прашањето и остварил средба со студентите. Сега се очекуваат нивните одговори, по што ќе продолжат разговорите за промена на системот
Министерството за образование и наука е во преговори со студентските претставници за воведување нов систем за користење на субвенцијата за студентски оброк, со кој средствата би се насочиле кон поздрава исхрана на студентите, изјави денеска министерката Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата, Јаневска посочи дека разговорите се водат врз основа на извештаи изработени и во соработка со странски партнери, според кои субвенцијата не се користи целосно за намената за која е предвидена.
Посочи дека по зголемувањето на износот на студентскиот оброк во 2023 година, во 2024 година Владата започнала разговори со студентите, по што било постигнато заедничко решение за 2025 година и бил проширен опсегот на нивните барања.
„Ние во моментов разговараме со студентите. Во 2023 е зголемен студентскиот оброк, и бидејќи во 2024 доаѓа да управува со државата оваа власт, ние ги почнуваме разговорите со студентите и бараме решенија за 2025. Сме постигнале заедничко решение и согласност и сме го прошириле опсегот на нивното барање. До моментот до овие најави во сила бил тој договор. Оттука, сега почнавме преговори со студентите. Она што мислам дека е најзначајно е ние да се усогласиме, а длабоко сум убедена дека, како и претходниот пат, така и овој пат ќе најдеме соодветно решение“,
изјави Јаневска.
Министерката информира дека и премиерот Христијан Мицкоски лично се заинтересирал за прашањето и остварил средба со студентите. Сега се очекуваат нивните одговори, по што ќе продолжат разговорите за промена на системот.
Јаневска рече дека иницијативата за промени дошла и од студентските здруженија и претставници, кои предложиле решение слично на моделот што се применува во Словенија.
„Да, ние ќе се обидеме во најдобри можни услови, оти не сме Словенија, да го направиме тоа така како да им соодветствува и почнуваме со подготовки за да го воведеме тој нов систем кој е на нивно барање. Но и ние сметаме дека ќе биде добар за посоодветно искористување на средствата“,
кажа таа.
Инаку, покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3 500 на 4 500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „м.Услуги“, им предложила Владата на претставниците на студентските парламенти, кои во октомври се сретнаа со премиерот Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници.
По средбата со Мицкоски и Јаневска, студентите рекоа дека генерално се отворени за нов систем за користење на субвенционираниот студентски оброк, но инсистираат на зголемување на сумата предвидена за оваа намена.
Тогаш, претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, рече дека за предлогот за новиот начин на субвенционирање преку ваучери ќе биде отворена платформата „Студентски референдум“, на која студентите ќе може самите индивидуално да се изјаснат.
