За време на истрагата, братот на еден од осомничените за убиството беше однесен во Полициската управа во Бор, каде што, според Вишото јавно обвинителство во Ниш, полициските службеници му нанеле тешки повреди за време на испрашувањето, од кои тој починал. Полицијата првично објави дека станува збор за природна смрт, но обдукцијата покажала дека таа настапила како последица на насилство
Вишото јавно обвинителство во Ниш претходно денеска објави дека изминатиот период издавало налози за апсење на сите осомничени за наведените дела, но дека припадниците на МВР, од Секторот за внатрешна контрола, не постапиле по наредбите на обвинителот
Осум полицајци од Управата за криминалистичка полиција (УКП) на српското Министерство за внатрешни работи се уапсени денеска под сомнение дека до смрт претепале сведок за време на истрагата за исчезнувањето на двегодишно девојче Данка Илиќ на југоистокот на Србија пред две години, објави Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Ниш.

Случајот што ја потресе Србија на 26 март 2024 година сè уште нема судски епилог, а високи функционери, вклучувајќи го и тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, изјавија дека девојчето е убиено.
Гашиќ тогаш за медиумите изјави дека двајца вработени во комуналното претпријатие во Бор се уапсени и се изјасниле за виновни откако било утврдено дека го удриле девојчето со службено возило „фиат панда“ недалеку од дворот од кој излегло, потоа телото го ставиле во багажникот, го однеле на депонија и го фрлиле. Двајцата вработени се обвинети за убиството на девојчето, но нејзиното тело сè уште не е пронајдено.
За време на истрагата, братот на еден од осомничените за убиството беше однесен во Полициската управа во Бор, каде што, според Вишото јавно обвинителство, полициските службеници му нанеле тешки повреди за време на испрашувањето, од кои тој починал. Полицијата првично објави дека станува збор за природна смрт, но обдукцијата покажала дека таа настапила како последица на насилство.
Од српското Министерство за внатрешни работи соопштија дека по налог на нишкото Вишо јавно обвинителство, уапсени се припадници на Единицата за обезбедување на одредени лица и објекти Н.П. (41), Ј.К. (41), М.Љ. (47) и И.Т. (52), кои во времето на извршувањето на кривичното дело биле членови на Управата за криминалистичка полиција, како и членови на Управата Б.М. (42), М.С. (31), М.Б. (40) и З.Ѓ. (38).
„Тие се осомничени дека го сториле кривичното дело злоупотреба и тортура ноќта помеѓу 6 и 7 април 2024 година во Бор во врска со кривичното дело тешка телесна повреда, што резултирало со смрт на Д.Д.“,
соопшти МВР на Србија.
Инаку, како што потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), станува збор за Далибор Драгијевиќ, кој е брат на Дејан Драгијевиќ, обвинет за убиство на Данка Илиќ.
На приведените полициски службеници им е одредено 48-часовен притвор по што ќе бидат изведени во обвинителството на сослушување.
Вишото јавно обвинителство во Ниш претходно денеска објави дека изминатиот период издавало налози за апсење на сите осомничени за наведените дела, но дека припадниците на МВР, од Секторот за внатрешна контрола, не постапиле по наредбите на обвинителот.
Инаку, денешното апсење е последното во низата апсења на српската полиција под притисок на јавноста по парламентарните избори.
Српските власти во средата приведоа девет активни и еден поранешен полицаец, кои се обвинети за употреба на прекумерна сила врз притворените за време на минатогодишните антивладини и антикорупциски протести во Белград.
Претходно, во недела, беше уапсен началникот на Управата за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Србија, Марко Кричак, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и насилство врз група уапсени студентски активисти за време на еден од протестите во Белград.
Кричак се сметаше за еден од најлојалните поддржувачи на доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој јавно го фалеше во неговите говори.
Четири дена по изборите и победата на Студентската листа, нивните кандидати на прес-конференција побараа побрза транзиција на власта и оставка на раководителите во полицијата, разузнавачките служби и судството, како и итен попис на моменталната состојба и спречување уништување документација во јавните институции.
