Касис порача дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и ОБСЕ, при што ја поздрави европската перспектива на Македонија. Според него, европската интеграција ќе придонесе за зајакнување на позицијата на земјата во поширокиот безбедносен и политички контекст
Посочи дека ОБСЕ може да даде придонес во евроинтегративниот процес на земјата преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Мисијата на организацијата во земјава, како што нагласи, е подготвена да продолжи да ја дава потребната поддршка
Швајцарија ја поддржува европската перспектива на Македонија и ќе продолжи да помага во спроведувањето на реформите, економскиот развој и зајакнувањето на стабилноста на Западен Балкан. Ова го истакнал швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, по денешната средба во Скопје со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Касис порача дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и ОБСЕ, при што ја поздрави европската перспектива на Македонија. Според него, европската интеграција ќе придонесе за зајакнување на позицијата на земјата во поширокиот безбедносен и политички контекст.
Посочи дека ОБСЕ може да даде придонес во евроинтегративниот процес на земјата преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Мисијата на организацијата во земјава, како што нагласи, е подготвена да продолжи да ја дава потребната поддршка.
Во фокусот на разговорите меѓу двајцата министри биле и билатералните односи, економската соработка, трговската размена и можностите за нови инвестиции и деловни партнерства, како и развојната соработка за периодот 2025-2028 година.
Касис оцени дека економските односи се еден од најважните сегменти на соработката, посочувајќи дека трговијата и економската размена придонесуваат за мир и стабилност.
„Економските односи се најважното нешто што треба да се развива затоа што онаму каде што поминува стока, не поминува оружје“,
рече тој.
Посочи дека преку програмата за развојна соработка, Швајцарија ги поддржува реформите во земјава, а до 2028 година помошта постепено ќе се насочува кон поконкретна поддршка за економијата, отворањето работни места и создавањето можности за инвестиции.
Министерот Муцунски оцени дека посетата на Касис има двојно значење, имајќи ја предвид неговата улога и како шеф на швајцарската дипломатија и како актуелен претседавач со ОБСЕ. Тој нагласи дека двете земји имаат одлични односи и заедничка определба за нивно натамошно унапредување.
Муцунски истакна дека соработката треба дополнително да се продлабочи, особено во областа на трговијата, економијата и инвестициите, преку поголема поврзаност на деловните заедници и воспоставување нови партнерства.
Во однос на европската интеграција, тој ја повтори определбата на Владата за полноправно членство во Европската Унија и посочи дека земјава ќе продолжи со реформите, приближувањето кон европските стандарди и зајакнувањето на врските со европските држави.
„Со колегата Касис се согласивме дека новата геополитичка реалност бара повеќе лидерство, солидарност и единство. Во време на сериозни глобални промени потребни ни се предвидливост, одговорност и силни партнерства“,
вели Муцунски.
Благодарност за помошта по трагедијата во Кран-Монтана
Касис се заблагодари и за солидарноста и помошта што Македонија ѝ ги понудила на Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана на 1 јануари годинава. Земјава, како што рече, била меѓу првите што понудиле поддршка, имајќи го предвид сопственото искуство со трагедијата во Кочани.
Швајцарскиот министер го истакна и придонесот на македонската дијаспора во Швајцарија, која, според неговите податоци, брои речиси 100 000 лица. Оцени дека дијаспората придонесува за поврзувањето на двете земји и развојот на билатералните односи.
„Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи без доверба нема безбедност, а без безбедност нема ни просперитет“,
кажа тој.
