Според Миклош Немет, тогашниот министер за одбрана, Ференц Карпати, му врачил три оригинални, рачно напишани и потпишани извештаи од доушник, кои му се припишуваат на Орбан. Според последниот комунистички премиер на Унгарија, тие содржеле белешки за лица со кои Орбан го отслужувал воениот рок во Залаегерсег, а кои вклучувале информации за нивното однесување, како и за нивните политички, сексуални и религиозни определби
На 3 ноември, еден ден пред објавувањето на базата на податоци со записи на тајната полиција од комунистичката ера, Орбан објави документи од овој период кои се однесуваат на него и неговата сопруга, Анико Леваи. Тој тврди дека тогашните комунистички власти се обиделе да го регрутираат во 1980-тите години, на почетокот на неговото задолжително служење воен рок, но дека тој одбил
Дали поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан бил соработник на унгарските тајни служби за време на комунистичкиот режим во земјата? Тој тврди дека не бил, но отворањето на архивите на некогашната комунистичка тајна полиција и материјалите што може да се најдат во нив го говорат спротивното.

Имено, последниот комунистички премиер на Унгарија, Миклош Немет, во потпишана изјава доставена до Државниот архив за безбедност вели дека лично прочитал три рачно напишани извештаи кои му се припишуваат на Виктор Орбан. Според Немет, документите му биле покажани од тогашниот министер за одбрана, Ференц Карпати, непосредно пред првите слободни парламентарни избори во Унгарија во март 1990 година, пишува унгарскиот истражувачки портал „Ви-сквер“ (VSquare), во напис чиј автор е Саболч Пањи.
🔥EXCLUSIVE: In a written memorandum filed with Hungary’s state security archives, former PM Miklós Németh (1988–1990) says he read three informant reports written by a young Viktor Orbán for communist military counterintelligence. @VSquare_Project https://t.co/GI5EpNNamb
— Szabolcs Panyi (@panyiszabolcs) November 5, 2026
„Документите содржеа белешки за војниците со кои Орбан ја отслужувал својата воена обврска во Залаегерсег, а кои се однесуваа на нивното однесување, нивните политички, верски и сексуални ориентации“,
наведува Немет во документот со датум од март 2026 година.
Владата на Маѓар даде зелено светло за објава на материјали од комунистичката ера во Унгарија
За помалку упатените, Унгарија на 4 ноември направи достапни за јавност големи збирки на тајни полициски записи од комунистичката ера прекинувајќи ги децениите ограничен пристап и политичка опструкција.
Новодостапниот материјал доаѓа од апаратот за државна безбедност на комунистичката диктатура во Унгарија, официјално опишан како социјалистички систем. Базата на податоци објавена на интернет, која не бара регистрација, вклучува регистри за регрутирање, картички за регистрација и записи од магнетни ленти, кои сега се достапни во електронска форма. Објавениот материјал опфаќа помеѓу 50 000 и 60 000 лица регистрирани како соработници или информанти. Дополнителни досиеја за регрутирање соработници треба да бидат објавени до 25 февруари 2027 година.
Сепак, како што се наведува во написот, ова е само делумно отворање на архивите на комунистичката тајна полиција, а не сеопфатно објавување на разузнавачките записи на Унгарија. Материјалот се фокусира на одделот III/III на Министерството за внатрешни работи, кој беше одговорен за потиснување на домашната политичка опозиција, иако вклучува и неколку записи поврзани со цивилното и военото контраразузнавање.
Владата на премиерот Петер Маѓар експлицитно ги исклучи странските разузнавачки записи од тековното објавување, а како причина ги наведе актуелните интереси на службата за национална безбедност. Затоа отворањето, наведува порталот, не треба да се меша со неограничен пристап до архивите на сите цивилни и воени разузнавачки служби.
Базата на податоци е исто така нецелосна бидејќи комунистичките службеници за државна безбедност уништиле големи количини досиеја додека режимот се распаѓаше во 1989 година, обидувајќи се да ги избришат компромитирачките докази и да го сокријат идентитетот на чувствителните информатори. Други досиеја, вклучително и материјали за опозициски лидери во подем, беа отстранети од официјалните архиви поради стравувањата дека подоцна би можеле да се искористат за уцена.
Сепак, ова е досега најсеопфатната и најдостапната база на податоци со можност за пребарување, која содржи имиња на лица регистрирани како доушници – или, со понародни зборови, кодоши од комунистичката ера.
Објавувањето доаѓа како резултат на законска регулатива усвоена по доаѓањето на власт на Петер Маѓар, чија цел е да се прошири пристапот до информации и да се отвори прашањето за едно недовршено поглавје од демократската транзиција на Унгарија – како комунистичкиот безбедносен апарат навлегол во општеството и што се случило со неговите мрежи по 1989 година.
Реакции од Орбан
Претходно, за време на годините додека на власта беше Орбан, неговото парламентарно мнозинство составено од партиите Фидес и КДНП (Fidesz–KDNP) во повеќе наврати ги блокираше обидите за обелоденување на податоците. Во февруари 2025 година, опозициската зелена партија ЛМП (LMP) соопшти дека по 30 пат поднела предлог за ова прашање, откако во претходните 15 години наидувала на постојани одбивања. Ваквите опструкции честопати спречуваа предлозите воопшто да стигнат до парламентарна дебата.
Владата на Орбан никогаш јасно не објасни зошто го блокира објавувањето на документите од комунистичката ера, иако во 1990-тите, додека беше во опозиција, се залагаше токму за такво нешто.
На 3 ноември, еден ден пред базата на податоци да стане достапна, Орбан објави документи од комунистичката ера кои се однесуваат на него и на неговата сопруга, Анико Леваи. Тој излезе со тврдења дека тогашните комунистички власти се обиделе да го регрутираат во 1980-тите, на почетокот на неговото задолжително служење воен рок, но дека тој одбил. Орбан изјави дека комунистичките власти потоа го ставиле него, неговата сопруга и други опозициски активисти под надзор, користејќи доушници и поставувајќи уреди за прислушување на нивните работни места и во нивниот дом.
Изјавата на Немет
Сепак, откривањето на една неодамна потпишана изјава од страна на Миклош Немет, премиерот на Унгарија за време на транзицијата од комунистичко владеење кон демократија, говори дека Орбан бил соработник на тајната полиција. Во конкретната изјава, со датум од 30 март 2026 година, Немет опишува средба што се случила непосредно пред првите слободни парламентарни избори во Унгарија во март 1990 година. Тој вели дека тогашниот министер за одбрана, Ференц Карпати, му врачил три оригинални, рачно напишани и потпишани извештаи од доушник, кои му се припишуваат на Орбан. Според Немет, тие содржеле белешки за лица со кои Орбан го отслужувал воениот рок во Залаегерсег, а кои вклучувале информации за нивното однесување, како и за нивните политички, сексуални и религиозни определби.

Немет, сепак, се оградува дека во тоа време не можел со апсолутна сигурност да го потврди авторството или автентичноста на ракописот, по што ги вратил документите без да задржи копии. Понатамошната трага на овие списи води до Геза Стефан, долгогодишниот прв човек на воената безбедносна служба, познат по собирањето компромитирачки материјали (компромати) за унгарската елита. По неговата смрт во 2009 година, содржината од неговиот личен сеф мистериозно исчезна.
Кој е Миклош Немет
Како што наведува авторот на текстот, улогата на Миклош Немет во унгарската историја му дава посебно значење на неговото сведоштво. Како економист и технократ кој напредувал во рамките на владејачката комунистичка партија, тој станал премиер во 1988 година и ја предводел владата во текот на процесот на преговарано укинување на еднопартиското владеење. За време на неговиот мандат се случи прогласувањето на Унгарската Република во октомври 1989 година, како и првите слободни парламентарни избори следната пролет. Во мај 1990 година, тој ѝ ја предаде власта на демократски избраната влада на Јожеф Антал.
Владата на Немет, исто така, во септември 1989 година ја донесе значајната одлука да им дозволи на бегалците од Источна Германија да ја напуштат Унгарија преку Австрија. Ова отворање придонесе за поткопување на ограничувањата на движењето во рамките на советскиот блок и стана клучен момент во периодот што му претходеше на падот на Берлинскиот ѕид и колапсот на комунистичкото владеење во Централна Европа.
По завршувањето на функцијата, Немет се пресели во Лондон, каде што од април 1991 до мај 2000 година служеше како потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Подоцна, тој наведе дека ограничувањата поврзани со тој ангажман биле причината поради која долго време избегнувал јавно да зборува за унгарската политика.
Во интервју за порталот „24.hu“ во 2020 година, тој изјави дека потпишал изјава со која се обврзал да не ја коментира унгарската политика додека е вработен во банката. Оваа обврска го објаснува неговото јавно молчење во текот на поголемиот дел од 1990-тите години, вклучително и фактот што не ги споделил своите сеќавања за извештаите поврзани со Орбан. До моментот кога Немет ја напушти банката, Орбан – кој првпат стана премиер во 1998 година – веќе беше на власт.
Во последниве години, Немет, кој е во пензија, чекал законски измени што би овозможиле материјалите што ги поседува да станат јавно достапни. Во март, тој кај еден адвокат депонирал збирка документи од комунистичката ера, како и своја писмена изјава, а во септември ги предал во Историскиот архив на унгарската државна безбедност (ÁBTL). Ова се случило откако унгарската влада усвои законски прописи со кои се проширува можноста за обелоденување на вакви документи.
