Јанев додаде дека кај сите лица биле направени претреси и била пронајдена поголема количина пари и документи, што упатувало дека лицата се занимавале со позајмување пари и вршење изнуди

Против пет лица ќе бидат поднесени кривични пријави по големата полициска акција во Куманово, со која е сузбиена организирана криминална група осомничена за лихварство, изнуда и перење пари. За осомничените полицијата располага со сериозни докази и факти за целокупната активност што ја вршеле од 2021 година досега, потврди директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев.
Полициската акција, како што рече Јанев, следувала откако граѓанин се охрабрил да достави информација до МВР, по што постапиле надлежните служби за прибирање материјални докази. Јанев порача дека полицијата постапува без толеранција кон кој било извршител, без разлика дали се крие зад одредени имиња или групации.
Јанев додаде дека кај сите лица биле направени претреси и била пронајдена поголема количина пари и документи, што упатувало дека лицата се занимавале со позајмување пари и вршење изнуди.
Врз основа на тоа, додаде Јанев, било предложено да се направи претрес во нотарска канцеларија во Куманово, а исто така известена била и Народната банка бидејќи биле пронајдени финансиски средства кои потекнуваат од менувачница на брат на еден од осомничените.
„Народна банка таму врши контрола и ревизија за евентуални наоди дали готовината потекнува од менувачницата“,
истакна Јанев.
Тој посочи дека во текот на постапката, при претресите, очекува превозните средства и целокупната документација, телефоните и сите важни предмети што може да бидат во интерес на истрагата да бидат одземени, а во координација со надлежен јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција ќе биде поднесена и соодветна кривична пријава.
Полициски екипи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) утрово вршеа претреси на повеќе локации во нова акција координирана од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
