Според неа, податоците за јавниот долг на Министерството за финансии се официјални и се засноваат на релевантни информации и податоци кои се црпат од сите надлежни институции, согласно нивните законски надлежности и обврски

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги отфрла како неосновани обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а кои се поврзани со јавниот долг.
„Најодговорно тврдам дека никогаш не сум била дел од какви било незаконски или противправни постапки. Обвинувањата поврзани со јавниот долг се целосно неосновани и претставуваат обид за манипулација со јавноста“,
вели министерката во објава на Фејсбук.
Според неа, податоците за јавниот долг на Министерството за финансии се официјални и се засноваат на релевантни информации и податоци кои се црпат од сите надлежни институции, согласно нивните законски надлежности и обврски.
Нејзината реакција доаѓа откако денеска од СДСМ ги обвини Димитриеска-Кочоска и премиерот Христијан Мицкоски дека манипулираат со податоците за јавниот долг на земјава. Целта, според СДСМ, е додека трае скандалот со Алта банка, на тој начин да се прикрие историското задолжување.
Во прилог на соопштението, партијата објави и табели за состојбата со јавниот долг во јуни и септември.
