„Сè оди надолу. Како да биде кога мафија владее со земјата?“, вели лидерот на СДСМ

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, оцени дека новиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија покажува дека нема никаков напредок, туку, како што вели тој, сè е полошо.
Според Филипче, нема напредок во борбата со корупцијата, слободата на изразување и во јавните набавки.
„Извештај на ЕК 2026: сè е полошо. Судство под политичка опсада и без пари. 40 тужби против новинари – тројно повеќе од лани. Медиумите под притисок. Земјоделство пред колапс. Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена. Сè оди надолу. Како да биде кога мафија владее со земјата?“,
напиша Филипче во објава на платформата Икс.
Денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос, претставувајќи го овогодишниот пакет за проширување на Европската Унија пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент – АФЕТ, во делот на Северна Македонија. рече дека земјата покажа посветеност на реформите за ЕУ и на Реформската агенда и сега треба да ја покаже истата одлучност да се придвижи напред на евроинтеграцискиот пат.
„Условите се јасни. Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за уставни измени, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од јули 2022 година“,
рече Кос.
Таа додаде дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија и дека целта е првиот кластер од пристапните преговори да биде отворен штом ќе бидат исполнети условите, односно штом ќе бидат направени уставните измени.
