Генсекот на СДСМ, Димитријевиќ, денеска од Битола побара и на штедачите да им се овозможи целосен пристап до нивните заштеди и ја обвини власта дека го штити капиталот на сопствениците на банката на сметка на граѓаните
Генералниот секретар на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Александра Саша Димитријевиќ, денеска беше во посета на Битола, каде што побара Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) да ја прекине исплатата на пензиите на сметките во Алта банка сè додека пензионерите не добијат сигурен пристап до своите средства.

Оцени дека по случувањата со Алта банка, граѓаните се соочуваат со неизвесност за своите заштеди, а особено загрижувачка е состојбата на пензионерите кои, како што рече, не можат да располагаат со своите пензии.
„Бараме ПИОМ да не исплаќа пензии на сметките на пензионерите во Алта банка, за да се заштитат“,
порача тој.
Според него, пензионерите се соочуваат со проблеми при подигнувањето на парите поради затворени експозитури, празни банкомати и недостиг од платежни картички.
„Пензионерите, еве го втори е, остануваат без пензии. Експозитурите се затворени, банкоматите се празни, нема картички. Ниту тие 10 000 денари немаат како да ги извадат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови“,
изјави Димитријевиќ.
Побара на штедачите да им се овозможи целосен пристап до нивните заштеди и ја обвини власта дека го штити капиталот на сопствениците на банката на сметка на граѓаните.
На средбата со граѓаните во Битола, Димитријевиќ рече дека случувањата со Алта банка предизвикале загриженост за финансиската сигурност на штедачите.
„Денеска е тежок ден за граѓаните на Битола, овде сме заедно со нив, луѓето имаат мака, огромен проблем по избивањето на скандалот со Алта банка. Загриженост и неизвесност за своите пари, заштеди и за финансиската сигурност“,
кажа тој.
Димитријевиќ побара истрага и одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека освен барањето за надзорна расправа, партијата ќе поднесе и интерпелација за работата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Народната банка на Србија во саботата објави дека на Алта банка АД Белград, која е мнозински сопственик на Алта банка АД Битола, ѝ е одземена лиценцата за работа поради значително влошување на финансиската состојба и ризикот од дополнително влошување на ликвидноста.
Поради сопственичката поврзаност, Народната банка на Македонија донесе одлука за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола, како и ограничувања за нејзините корисници.
Со тоа, физичките лица имаат неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, а внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Правните лица можат да вршат неограничени внатрешни трансфери во рамките на банката, но не можат да префрлаат средства во други банки ниту да повлекуваат готовина од банкомати или шалтери. Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката.
