Од организацијата реагираат дека со преименувањето на програмата во „Здравје и заштита на здравјето“ се отстрануваат или разводнуваат содржини за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје. Бараат преиспитување на измените и враќање на научно заснованите содржини
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, реагира на измените во наставната програма за сеопфатно сексуално образование, која сега е преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, оценувајќи дека со нив се ослабуваат важни содржини поврзани со здравјето и безбедноста на младите.

Од организацијата велат дека отстранувањето или разводнувањето на содржините за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје не е само промена на терминологијата, туку одлука што може директно да влијае врз знаењето и заштитата на децата.
Според ХЕРА, со намалувањето на содржините за превенција младите ја губат можноста навреме да научат да препознаваат насилство, да поставуваат лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош.
„Што значи ова во секојдневниот живот? Тоа значи дека девојче кое се соочува со контрола, притисок или насилство во врска може потешко да препознае дека таквото однесување не е нормално ниту прифатливо. Дека момче кое расте со пораки дека мора да биде доминантно и агресивно нема доволно можности критички да ги преиспита тие очекувања. Дека младите кои имаат прашања за контрацепцијата и сексуалното здравје ризикуваат одговорите да ги бараат на интернет, меѓу дезинформации и непроверени совети“,
се вели во реакцијата од ХЕРА.
Од организацијата посочуваат дека промените следуваат по јавни притисоци од верски и конзервативни кругови и нагласуваат дека верските убедувања не треба да ја определуваат содржината на јавното образование.
„За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи“,
додаваат од организацијата.
Како аргумент за потребата од сеопфатно сексуално образование, организацијата наведува податоци според кои 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12 000 деца биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година.
Дополнително, според податоците што ги наведуваат, осум отсто од децата биле изложени на сексуални слики, пет отсто добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, а четири отсто биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети. Кај три отсто, таквите содржини веќе биле споделени без нивна дозвола.
ХЕРА посочува и дека во 78 отсто од случаите сторителот е лице што детето го познава, додека 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи. Во исто време, само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
Организацијата наведува и дека во 2024 година биле родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години.
ХЕРА потсетува дека Светската здравствена организација и УНЕСКО укажуваат оти квалитетното сексуално образование, приспособено на возраста, им помага на младите да донесуваат информирани одлуки, да градат здрави односи и да го намалат ризикот од сексуално насилство, несакана бременост и сексуално преносливи инфекции.
„Црквата има право да ги застапува своите верски учења, но нема мандат да ја заменува науката во училниците. За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи. Уставот на Северна Македонија ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата. Таа одвоеност мора да биде суштински принцип на јавните политики, а не само формална уставна одредба“,
посочија од организацијата.
Од организацијата бараат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја преиспитаат ревидираната наставна програма и да ги вратат научно заснованите содржини за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, контрацепција и превенција од родово засновано насилство.
Бараат и јавно образложение за стручните анализи и препораки врз основа на кои се направени измените, како и транспарентна ревизија со учество на експерти од образованието, здравството, психологијата и родовите студии.
„Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат“,
порачуваат од ХЕРА.
Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје побара од Министерството за образование и наука (МОН) и од Бирото за развој на образованието да го вратат поимот „род“ во наставната програма за изборниот предмет „Здравје и заштита на здравјето“.
Пред да почне примената на програмата во гимназиите, Институтот бара во неа да се вратат и поимите „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“ и нивното значење да се објасни во воведниот дел.
Од Институтот го поздравуваат воведувањето содржини за здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство. Забелешката ја илустрираат со пример од првата тема, „Рамноправност“.
Од учениците се бара да објаснат по што биолошките карактеристики на полот се разликуваат од општествените очекувања за тоа како треба да се однесува поединецот. Токму за да ја објасни таа разлика, посочуваат од Институтот, стручната литература со која се образуваат идните наставници ги користи поимите „пол“ и „род“.
„360 степени“ на 31 октомври објави дека новата програма го задржала истиот број часови и теми како повлечената програма за „Сеопфатно сексуално образование“.
Споредбата, сепак, покажа дека првата тема, која претходно ги опфаќаше родот и родовата рамноправност, сега се вика само „Рамноправност“. Избришан е и терминот „контрацепција“, а во лекцијата за бременост наместо за методи на контрацепција се зборува за заштита од несакана бременост.
МОН ја повлече претходната програма на почетокот на септември, неколку дена откако епископот Јаков Стобиски во отворено писмо ја обвини министерката Весна Јаневска дека како министерка ја брани „родовата идеологија“ на која ѝ се спротивставувала од опозиција.
По повлекувањето, Јаневска изјави дека ја прочитала програмата и дека во неа нема ништо спорно. На прашањето на „360 степени“ зошто тогаш се направени измени, од МОН одговорија дека ги зеле предвид забелешките од јавноста и од стручни лица, меѓу кои и претставници на Комората на психолози.
Министерството отфрли дека програмата била сменета поради реакција на верска заедница.
