Според информациите на обвинителството, на сите три лица им е одредена мерка притвор до 48 часа

Српското Јавно обвинителство за организиран криминал во соработка со полицијата лишиле од слобода три лица вмешани во случајот со Алта банка АД Белград, меѓу кои е и првиот човек на банката, бизнисменот Давор Мацура. Заедно со него, уапсени се и директорот на Одделот за благајна и управување со готовина, Г.М., како и соработничката за благајничко работење, И.П.
Според информациите на обвинителството, на сите три лица им е одредена мерка притвор до 48 часа, а главниот осомничен се товари за сериозна злоупотреба на службената положба со која ја оштетил банката и овозможил голема противправна имотна корист.
Според истражните органи, постојат основи на сомнение дека Давор Мацура во периодот до 31 октомври 2026 година ги пречекорил своите овластувања и повлекол парични средства во вкупна вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра.
Во извршувањето на кривичното дело му помогнале другите двајца осомничени, кои како лица задолжени за ракување со вредностите во трезорот, содејствувале и создале услови за неовластено изнесување на парите.
Тие, како што се додава во соопштението, му ги давале своите картици за влез во трезорот или, пак влегувале заедно со него и со тоа му овозможувале на Мацура да ги изнесува парите и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист во износ од околу 45 милијарди динари.
Операцијата на сузбивање на овој финансиски криминал била спроведена од припадници на УКП, СБПОК и Одделот за сузбивање на организиран финансиски криминал.
Во текот на 31 октомври и 1 ноември, по наредба на Јавно обвинителство за организиран криминал, биле извршени претреси во службените простории на Алта банка, каде што бил направен и детален попис на преостанатата готовина во трезорот, како и во станбените простории на Мацура.
Првичната вест за апсењето на Мацура ја потврди и неговиот адвокат за српските медиумите, посочувајќи дека неговото сослушување пред обвинител во Јавно обвинителство за организиран криминал е закажано за утре по 12 часот.
Обвинителството го товари Д.М. за кривично дело злоупотреба на положбата на одговорно лице од член 227 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена повеќегодишна затворска казна, додека останатите двајца се сомничат за помагање при извршувањето.
