Од Фондот велат дека октомвриската исплата за породилни надоместоци бележи раст од над 25 проценти во однос на септември

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) минатиот месец имал вкупна исплата од 621 383 663 денари по основ на надоместоци за привремена спреченост за работа и породилно отсуство.
Најголемиот дел од овие средства, односно 467 074 428 денари, биле наменети за породилни надоместоци во последните четири месеци. Октомвриската исплата за породилни надоместоци бележи раст од над 25 проценти во однос на септември, како и највисока месечна исплата за оваа категорија во периодот јули–октомври 2026 година. За останатите надоместоци по основ на боледување биле издвоени 154 309 235 денари.
Во периодот јули–октомври 2026 година, како што велат од Фондот, биле исплатени над 2,35 милијарди денари за боледувања и породилни отсуства, од кои над 1,66 милијарди денари биле за породилни надоместоци.
Од ФЗОМ велат дека целта на раководството на Фондот е навремената и редовна исплата да прерасне во траен системски стандард, а не исклучок.
„Зад секој исплатен надоместок стои конкретно право, а зад секое право – човек, родител или семејство за кое финансиската предвидливост има особено значење. Средствата на здравственото осигурување им припаѓаат на осигурениците и наша обврска е тие да се користат законито, одговорно и навремено“,
соопштуваат од Фондот.
Во наредниот период, ФЗОМ најавува дополнителни чекори кон подобрување на организацијата, поголема ефикасност при обработката на барањата и одржување стабилна динамика на сите исплати.
