Лидерот на СДСМ ги повика гувернерот на Народната банка и премиерот да одговорат како дозволиле влез на Алта банка во Македонија, дали се испочитувани сите процедури за влез на банката, дали е направена контрола на средствата и нивното потекло, како и дали имале предвид дека Алта банка била одбиена од влез на пазарот во ЕУ. Дополнително, како што рече, треба да кажат дали знаеле дека во земјава влегува капитал за кој постојат сомнежи дека бил поврзан со трансфери на пари од Русија по почетокот на војната
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, побара премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да одговорат на низа прашања поврзани со работењето на Алта банка и нејзиното влегување на македонскиот банкарски пазар.

Тој на денешната прес-конференција рече дека СДСМ една година предупредувал за сомнежите поврзани со банката, нејзиниот капитал и потеклото на парите од коруптивни и криминални зделки, како и наводните врски на сопствениците на банката со луѓе блиски до поранешниот српски претседател Александар Вучиќ.
Филипче ги повика гувернерот на Народната банка и премиерот да одговорат како дозволиле влез на Алта банка во Македонија, дали се испочитувани сите процедури за влез на банката, дали е направена контрола на средствата и нивното потекло, како и дали имале предвид дека Алта банка била одбиена од влез на пазарот во ЕУ. Дополнително, како што рече, треба да кажат дали знаеле дека во земјава влегува капитал за кој постојат сомнежи дека бил поврзан со трансфери на пари од Русија по почетокот на војната, кога руските банки беа под санкции.
„Според пишувањето на ‘Фајненшл тајмс’, Алта е банка во која, по почетокот на војната во Украина, огромен број милиони евра и долари се слеани од Русија. Угледниот весник ја опишува како банка која е фаворизирана од Русите. Имаа ли предвид каков капитал влегува во земјава?“,
рече претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Тој побара од премиерот и од гувернерот да одговорат и дали имало трансакции по завршувањето на изборите во Србија, дали сопственикот на Алта банка во Белград, Давор Мацура, престојувал во Македонија изминатите денови, како и какви трансакции им се дозволени на фирмите што имаат средства во оваа банка, додека граѓаните имаат ограничен пристап до своите пари.
„Ако не одговорат, бараме Обвинителството што поскоро да ги истражи сите овие прашања. Ние денеска ќе покренеме иницијатива како пратеничка група во Собранието за одржување надзорна расправа за овој проблем, да видиме како се дојде до оваа ситуација. Ќе поднесеме и интерпелација за гувернерот Трајко Славески“,
рече Филипче.
Според него, вредноста на целокупниот капитал со кој располага Алта банка е од 150 до 180 милиони евра – средства кои, како што обвини, власта ќе помогне да се украдат од граѓаните.
На новинарска споредба за пропаѓањето на Еуростандард банка, што се случи кога СДСМ беше на власт, тој вели:
„Што се случило, се случило. Граѓаните кои имаат пари во Алта банка денес седат во редови на дождот пред експозитурите коишто им се затворени. Според нашите информации сите пари од експозитурите се повлечени, а пензионери во колони чекаат да си ги земат пензиите. Мислам дека тоа што било во минатото воопшто, ама воопшто не ги интересира и тој дефокус на криминалната група нема да ѝ помине“.
