Ова не е фер за нас, ни изјави пензионерка која ја сретнавме пред експозитурата на Алта банка на улица „Македонија“ во Скопје
Викендов Народната банка го презеде управувањето со Алта банка и воведе неделен лимит од 10 000 денари. Банкоматите работат, а експозитурите остануваат затворени до дополнително известување
Улица „Македонија“, центар на Скопје. Пред банкомат на Алта банка среќаваме двајца пензионери. Не се скопјани. Дошле дури од Битола, во обид да ја сменат банката. Наместо во Алта банка, пензијата да им стига во некоја од другите комерцијални банки.

Не е фер
Се обидоа да влезат во експозитурата, но вратата беше заклучена, а преку стаклото се гледаше дека шалтерите се празни.
„Педесет и кусур години во Стопанска – битолска, сега Алта банка, и еве што прават. Ова не е ферски за нас, пензионерите, да трчаме по банките, не е убаво. Од тоа живееме, друго не работиме. Немаме ниту приватни работи да работиме. Кој нè прима на овие години. Треба да се смениме (н.з. да ја смениме банката), ама еве не е отворено. И сега, дали ќе отворат? Што да правиме? Пензијата каде ќе појде следниот месец?“,
праша загрижената пензионерка од Битола.

Двајцата успеале да си ги извадат пензиите преку банкомат уште во петокот, на 30 октомври, иако не очекувале дека за само еден викенд сè ќе се смени.
„Тие не кажуваат ништо, ама ние слушаме. Сега ние се плашиме, па ќе видиме. Цела пензија веќе ја подигнавме. Не е голема, ама супер е. На 30 октомври ја подигнавме. И почна аферата со банката. Не е убаво. Ако работиш – работи со луѓето, ама ние не сме криви“,
рече таа.
Пред експозитурата и банкоматот на Алта банка на улица „Македонија“ постојано доаѓаа корисници. Не толку многу за да се создадат редици, но доволно за да изградиме поширока слика. Зад камерите сите велат – исплашени сме.
Ограничување
Пред банкоматот на Алта банка, сместен во зградата на Народна банка, утрово беше сосема празно. Почекавме. По неколку минути се појави комитент на банката. Човекот, кој не сакаше да си го открие идентитетот, рече дека е пензионер и дека десетина години бил комитент на Стопанка банка АД Битола. Откако банката се трансформирала во Алта банка, останал нивен клинет.
„Гувернерот Трајко Славески рече дека банката е ликвидна и тоа нè збуни. Се надевам дека се работи за лажна вест дека банката ќе оди во стечај. Вака ќе си земаме по 10 000 денари неделно и готово. Мојата сопруга беше во Велес да си ги извади парите, зашто во Скопје не ѝ ги даваа“,
рече тој.

Тој беше дојден пред банкоматот за да си ги повлече своите 10 000 денари за неделава, ограничување кое го постави Народната банка. Ја внесе саканата сума, но безуспешно. Банкоматот не ја одобри трансакцијата. Човекот почна да вика и негодува, но по наша сугестија се обиде и поинаку – со разложување. Внесе сума од 6 000 денари и банкоматот овојпат му ги даде. „Да сте живи и здрави“, извика тој и внесе нова сума. Побара 3 000 денари и повторно успешно.
Среќен, тргна да си оди. Го прашавме, зошто не повлече уште 1 000 денари за да стигне до 10 000 денари за неделава. Тој ни ги покажа СМС-пораките од банката за одобрените трансакции. На едната наместо 6 000 денари пишуваше дека трансакцијата го чинела 6 200, а на втората дека трансакцијата наместо 3 000 денари, го чинела 3 200.
„Банката ни зема по 200 денари провизија за секоја трансакција од банкомат. Сега веќе ми повлекла вкупно 400 денари и затоа немам доволно средства за да повлечам уште илјада“,
објасни тој.
Експозитурата на Алта банка е внатре, во приземјето на зградата. Влеговме, но шалтерите, на кои речиси и да немаше никаква ознака дека се на Алта банка, беа празни. Забележавме соопштение на банката, испечатено на хартија и залепено на стаклата. Банката информира дека од 2 ноември 2026 година (понеделник), експозитурите привремено нема да работат со клиенти до дополнително известување.

„Согласно одлуката на Народната банка, воведени се привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10 000 денари за користење средства преку платежните картички на банката. Нагласуваме дека преземените мерки имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на средствата и интересите на клиентите. За сите дополнителни информации и промени навремено ќе ве известуваме преку нашите официјални канали“,
пишуваше на соопштението од банката.
Банкоматите имаат пари
Одлучивме и самите да повлечеме пари од банкоматот на Алта банка кај Народната банка, иако нашата картичка е од друга банка и не сме комитенти. Побаравме илјада денари и ја добивме таа сума. Но, исто како и со човекот претходно, електронското банкарство ни покажа дека се повлечени 1 200 денари.

Истата сума ја извадивме и на банкоматот на улица „Македонија“. И таму, трансакцијата беше успешна. Но, повторно, електронското банкарство покажа плус 200 денари или вкупно 1 200.
Според интернет-страницата на банката, провизиите за повлекување готовина се „0,5%, минимум 100 денари од банкоматите на Банката; 2%, минимум 300 денари за подигање од банкоматите на друга банка; 2,5%, минимум 200 денари за подигање од ПОС-терминалите на друга банка“.

Српските медиуми синоќа објавија дека е приведен сопственикот на Алта банка, Давор Мацура. Претходно, повеќе од 30 часа траел претресот во просториите на централата на банката во Белград.
Народната банка на Србија во саботата објави дека одлучила да ѝ ја одземе лиценцата за работа на Алта банка бидејќи финансиската состојба на банката е значително влошена и постои можност за понатамошно влошување, вклучително и влошување на нејзината ликвидност.
Гувернерот на Народната банка на РСМ, Трајко Славески, вчера на прес-конференција соопшти дека врз Алта банка АД Битола, која е во мнозинска сопственост на Алта банка АД Белград, ќе биде воспоставена администрација, што значи дека управувањето го презема Народната банка. Граѓаните што имаат сметки во оваа банка ќе може да користат максимум по 10 000 денари неделно за плаќања кон надвор. За внатрешни плаќања од една на друга сметка во банката износот е неограничен.
