„Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша партискиот лидер Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ вечерва му ја честитаа победата на Аркин Јахији од ДУИ во трката за градоначалник на Општина Брвеница, но ја обвинија неговата партија за наметнување етнички поделби и за носење гласачи од странство.
Прв со честитка излезе генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој од Брвеница рече дека причинатга поради која бројките во вториот круг се свртеле во корист на ДУИ е носењето гласачи што не живеат во општината.
„Некогаш против бројките не се може, бројките се тие кои што се. Успеаа да донесат многу луѓе од надвор кои не живеат тука и живеат надвор од границите на оваа тактовина, меѓутоа гласаа за кандидатот на ДУИ и јас би му честитал во оваа прилика“,
изјави Ковачки.
Од партискот седиште во Скопје, по повод резултатите од Брвеница, се обрати портпаролот Валентин Манасиевски кој прво им се заблагодари на сите што го дале гласот за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, а потоа ја обвини ДУИ дека во овој изборен циклус водела политика на етнички поделби.
Според него, кандидатот на ДУИ Аркин Јахији на овие избори добил поддршка од Влен, СДСМ и Левица.
„Додека ние ја потенциравме силата на единството, за една Брвеница за сите, нашите опоненти максимално го искористија национализмот и повикаа гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти. По овие избори, граѓаните, Македонци и Албанци, ќе очекуваат проекти, а не национализам. Ќе очекуваат резултати, а не демагогија за тоа од која политичка партија доаѓа градоначалникот“,
рече Манасиевски.
Тој додаде дека денешниот резултат е одличен за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, споредено со последните парламентарни избори, имаат 1 300 гласови повеќе.
И Манасиевски, како и неговара сопартисјка, пратеничката Дафина Стојаноска, рече дека жали што нивниот владин коалициски партнер Влен во Брвеница ја пропуштил можноста да биде поразличен од ДУИ.
По нивните обраќање со фејсбук објава се јави и партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој ги потврди претходни искажаните позиции.
„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3 000 на 4 200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1 300, но за жал недоволно за целосна победа. Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“,
напиша Мицкоски.
Од Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објавија резултатите од пребројаните 24 избирачки места во Брвеница и од нив се гледа дека кандидатот Аркин Јахији има освоено повеќе гласови од Стојанчо Радичевски.
