
Еврокомесарот Јоханес Хан, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, порача дека сите политички чинители треба да се фокусираат на стратешката државна цел – во октомври добивање датум за старт на преговори со ЕУ. Иако земјата навистина испорачала обврски, таа мора да продолжи со неопходните реформи, меѓу кои најважно е владеење на правото, изјави Хан.
„Сметам дека сите треба да бидат свесни за конечната цел, за судбината на државата и со тоа, се надевам, сите да ги поддржат неопходните мерки кои допрва треба да се преземат со цел да се добие зелено светло во октомври за почеток на пристапните преговори. Во таа насока морам да кажам, навистина жалам што земјите-членки во јуни не донесоа одлука затоа што вие постигнавте успех, но секако, мора да ја почитуваме таа одлука и таа обврска конечно да се спроведе во октомври. Затоа, уверен сум, време е лидерите на ЕУ да ги испорачаат своите обврски… Ова се мали чекори за поединците, но секако голем чекор за општеството, за граѓаните на Република Северна Македонија и тоа е причината зошто е важно да продолжите да испорачувате реформи. Ова го вклучува и усвојувањето на Законот за ЈО за да се осигураме дека работите на случаите на СЈО, што е од особена важност. Сите партии и државни тела мора да продолжат да ја покажуваат одлучноста за владеењето на правото. Да се покаже нулта тореланција кон криминалот. Земјите членски го следат овој процес одблиску “,
порача Хан.
По средбата со Заев, Хан ќе се сретне со претседателот Пендаровски, но и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Прашан што ќе му порача на лидерот на опозицијата, Хан одговори дека случаите на СЈО не смеат да пропаднат.
„Сите политички партии што е можно поскоро да дојдат до решение и зависи од земјата како ќе се договори за правните услови. За нас има само неколку црвени линии и најважната е дека секое решение мора да земе предвид дека не може во транзициската фаза да има изгубени случаи. Никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неможноста да се исполнат одредени рокови. Затоа ова мора да се загарантира. Очекуваме, без оглед на тоа кој е вклучен, судскиот систем да работи според правилата и тоа треба да се однесува на сите“,
одговори Хан.
Одговарајќи на новинарските прашања, еврокомесарот Хан кажа и дека економската ситуација во земјата е подобрена, и затоа, според него, е од особена важност младите да се задржат тука.
- поврзана вест: Заев: Очекуваме ЕУ во октомври да си го одржи зборот