Според Филипче, настаните во Србија биле потврда на, како што вели, предупредувањата што СДСМ ги упатува речиси една година, за влијанието на т.н. „српски свет“ и неговото поврзување со власта на ВМРО-ДПМНЕ

Во Србија тргна армагедонот, се распаѓа балканскиот картел, балканската мафија, тргна од Орбан, Вучиќ, следен е Христијан Мицкоски, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Поводот за неговото обраќање е објавата од Народната банка на Србија дека српската Алта банка, во чија сопственост е Алта банка Битола (поранешна Стопанска банка Битола), ја губи лиценцата за работа. И српската и македонската банка порано биле поврзувани со случаи на корупција и со политичко влијание, поради што одлуката на српската Народна банка денеска предизвикува голем број политички реакции во двете земји.
Потсетувајќи дека т.н. антикорупциски тим на партијата уште во декември лани прашал зошто се дозволил влез на Алта банка во Македонија, Филипче додаде дека сега клучното прашање е дали премиерот Мицкоски и гувернерот на македонската Народна банка Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во земјата или сепак, како што нагласи, многу добро знаеле за што станува збор и се дел на оваа мрежа мафијашка во Србија.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија. се поставува прашањето дали сега некој во Народна банка или во Владата ќе направи нешто да го спречи ова стампедо коешто веќе се случува пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во нашата земја. Нормално е дека луѓето се исплашени. Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните. А гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага. Дали тој добро знаел на каква банка и овозможува влез во земјата“,
додаде Филипче на прес-конференцијата.
Според Филипче, настаните во Србија биле потврда на, како што вели, предупредувањата што СДСМ ги упатува речиси една година, за влијанието на т.н. „српски свет“ и неговото поврзување со власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова што се случува во Србија е нешто на што ние укажуваме веќе скоро една година наназад. Ова што се случува во Србија како и влијанието тука кај нас во Македонија е нешто на што укажуваат и европските институции и претседателката на Комисијата Фон дер Лајен, дека тука има влијание на српскиот свет“,
рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ со месеци предупредувал за сомнителното работење на Алта банка. Повикувајќи се на, како што вели, „медиумски и политички извори“, од партијата соопштија дека постојат индиции оти банкта е поврзана со „криминално стекнати пари, корупција, кражба на пари од граѓаните и шверц на дрога“.
„И сега тоа на што укажуваме изминатите месеци, Алта банка, којашто и според извори на медиуми и наши политички комуникации во Србија беше банка поврзана со криминално стекнати пари од криминал, од корупција, украдени пари од граѓаните, пари кои што потекнуваат од трансфер и шверц на дрога. И вчера таа банка, откако само неколку часа претходно Народната банка на Србија кажа дека сè е во ред, вечерта после полноќ ѝ ја одзеде лиценцата за работа“,
рече Филипче.
Опозицискиот лидер вели дека влијанието на „српскиот свет“ не треба да се меша со српскиот народ, туку дека станува збор за политички и криминални структури кои се поврзуваат со власта на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски.
„И кога ќе прашате што е српскиот свет, српскиот свет не е братскиот српски народ. Српскиот свет е оваа мафија којашто сега граѓаните и институциите во Србија ја демонтираат, а кај нас се пренесе како директно влијание од СНС на ВМРО и на Христијан Мицкоски. Со човек како Стоилковиќ во Владата, човек кој што ги промовира проектите со кинески пари кај нас, а за што премиерот не реагира“,
рече Филипче.
Според Филипче, Мицкоски не реагира ниту на изјавите и постапките со кои се доведува во прашање македонскиот суверенитет, ниту на влијанието преку медиуми кои работат со нелегални дозволи во земјава.
„Човекот кој што кажува и поддржува луѓе кои што кажуваат дека ова е српска земја, на што исто така премиерот Христијан Мицкоски не реагира. Понатаму, влијанието и влезот на медиумите како Арена, Евроњуз. Медиуми кои што имаат нелегални дозволи кај нас затоа што тука продуцираат програма, а се регистрирани како странски, додека во Србија не се никако регистрирани, на што исто така укажувавме. Понатаму, патот на дрогата, шверцот на марихуана, за што допрва ќе се размотка клопчето во Србија, па ќе се дознаат сите работи. Поврзаноста на премиерот со новоназначениот од пред неколку месеци конзул Адамовиќ, за кој што во Собрание премиерот не одговори од каде го познава, а многу добро го познава, човек поврзан со мафијата во Србија“,
рече Филипче.
