Од Народна банка велат дека одлуката во Србија се однесува на работењето на тамошната банка и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола

Македонската Народна банка тврди дека банкарскиот систем е стабилен и отпорен, а сите банки во земјава се под непосреден супервизорски надзор. Соопштението доаѓа откако денеска и беше одземена лиценцата за работа на Алта банка во Србија, која има своја банка и во Македонија.
Од Народна банка велат дека одлуката во Србија се однесува на работењето на тамошната банка и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола.
„Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби“,
се додава во соопштението.
Од Народна банка велат дека ги следат сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Како што се додава во соопштението, во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации.
„Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во којашто се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци“,
наведуваат од Народна банка.
Оттаму апелираат до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.
Велат дека ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата и да постапуваат независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите.
Поврзани вести:
- Народната банка на Србија ѝ ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка
- СДСМ: Обвинителството уште денеска да отвори кривични постапки против Мицкоски и Славески во врска со Алта банка
- ВМРО-ДПМНЕ: Филипче слугува на туѓи агенди, соопштенијата им ги пишува српска пи-ар служба
- Македонската Алта банка вели дека е ликвидна и оти продолжува со стабилно и непречено работење
- Алта остана без дозвола во Србија: каква е врската со Македонија и што значи тоа за банката во Битола?
- (ВИДЕО) Редици пред експозитурите на Алта банка во Нови Сад, граѓани се обидуваат да извадат пари
- СДСМ бара итна реакција поради Алта банка, ВМРО-ДПМНЕ одговара дека банкарскиот систем е стабилен
