Опозициската партија предупредува на можен ризик од масовно повлекување на депозити, како и сомнителни претходни трансфери или внатрешно-корпоративни заеми кон српската централа
ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека државата има воспоставен законски систем за осигурување на депозитите, што гарантира дека ниту еден граѓанин не може да биде оштетен

По објавата дека српската Народна банка и ја одзема лиценцата на Алта банка АД Белград, денеска во земјава не стивнуваат реакциите од најголемите партии во власта и опозицијата.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара итна интервенција од Народната банка и Обвинителството, предупредувајќи за ризици по депозитите на јавните претпријатија и правните лица во македонската банка. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрла овие тврдења како ширење хистерија и нагласува дека македонскиот банкарски сектор е целосно стабилен и безбеден.
Од СДСМ оценуваат дека одземањето на лиценцата на Алта банка во Белград поради нарушена ликвидност претставува директен системски шок за македонската ќерка-банка, со оглед на тоа што српската централа поседува 97 отсто од акциите.
Опозициската партија предупредува на можен ризик од масовно повлекување на депозити, како и сомнителни претходни трансфери или внатрешно-корпоративни заеми кон српската централа.
СДСМ бара Народната банка итно да ги суспендира гласачките права на сопственикот во Србија, да воведе вонредна администрација во Алта банка АД Битола и да бара нов купувач или да ја ликвидира банката. Дополнително, се бара итна реакција и од Обвинителството.
Додека физичките лица се заштитени преку Фондот за осигурување на депозити до 30 000 евра, СДСМ нагласува дека постои сериозен ризик за правните лица и депозитите на јавните претпријатија кои се наоѓаат во оваа банка.
„Одговорноста на Народната банка е јасна. За да се купи банка во Македонија, се бара претходна согласност и строга проверка на потеклото на капиталот, финансиската стабилност и деловниот углед на купувачот“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека реториката на опозицијата е политички мотивирано ширење хистерија и обид за нанесување штета на државните интереси.
Од партијата уверуваат дека македонскиот банкарски систем е комплетно безбеден, работи според домашните закони и е под непосредна супервизија на Народната банка, која располага со механизми за контрола на секоја ситуација која може да биде последица од случувањата со Алта банка во Србија.
ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека државата има воспоставен законски систем за осигурување на депозитите, што гарантира дека ниту еден граѓанин не може да биде оштетен.
Според владејачката партија, ваквите сценарија се дел од континуирана кампања на опозицијата насочена кон рушење на довербата во сопствените институции и предвидување апокалиптични сценарија од политички побуди.
„Повторно лоша вест за антимакедонската СДС, оваа држава има систем кој функционира. Фактите ќе ги демантираат повторно. Очигледно, СДС продолжува да се надева дека политичката доверба ќе ја врати преку недоверба во сопствената држава. Партиската желба за криза нема да ја претворат во факт“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поврзани вести:
- Народната банка на Србија ѝ ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка
- СДСМ: Обвинителството уште денеска да отвори кривични постапки против Мицкоски и Славески во врска со Алта банка
- ВМРО-ДПМНЕ: Филипче слугува на туѓи агенди, соопштенијата им ги пишува српска пи-ар служба
- Македонската Алта банка вели дека е ликвидна и оти продолжува со стабилно и непречено работење
- Алта остана без дозвола во Србија: каква е врската со Македонија и што значи тоа за банката во Битола?
- (ВИДЕО) Редици пред експозитурите на Алта банка во Нови Сад, граѓани се обидуваат да извадат пари
