Српската Алта банка, во одговор до медиумот „Н1“, вели дека исплатата на осигурените депозити ќе започне в понеделник, во согласност со процедурите и упатствата на надлежните институции

Откако Народната банка на Србија објави дека Извршниот одбор донел одлука за одземање на лиценцата за работа на Алта банка АД Белград, пред филијалите на оваа банка во Нови Сад од утрово се формираат редици од граѓани.
Видео од Нови Сад на Инстаграм објави движењето „Крени-промени“, на кое може да се види дека граѓани стојат во ред пред филијалата на оваа банка во градот и се обидуваат од банкоматот да извадат пари.
Српската Алта банка, во одговор до медиумот „Н1“, вели дека исплатата на осигурените депозити ќе започне в понеделник, во согласност со процедурите и упатствата на надлежните институции.
Од банката додаваат дека во согласност со официјалното известување на Народната банка на Србија за одземање на лиценцата за работа, активностите поврзани со платежни картички, трансакциите за плаќање во домашна и странска валута се суспендирани и дека нејзините филијали моментално се затворени.
Српската Народна банка одлуката за одземање на лиценцата на Алта банка ја објави два и пол часа по полноќ. Како што беше образложено во соопштението, на одлуката ѝ претходеле контролни активности насочени кон зголемување на нивото на ликвидност на банката.
Одлуката велат дека е донесена со цел да се заштитат интересите на штедачите и за да се зачува стабилноста на финансискиот систем.
