Се очекува оваа авиолинија да придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот

Од 1 мај започнува со работа новата директна авионска линија што ќе ги поврзе Тиват и Скопје. На почетокот авионите на оваа релација ќе сообраќаат двапати неделно, што треба значително да придонесе за зголемување на бројот на патници, но и за поттикнување на туризмот и економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Ова беше соопштено на денешната заедничка прес-конференција на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот задолжен за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
„Она што пред 20 дена го разговаравме при нашата посета на Црна Гора, се реализира. Оваа авиолинија се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот“,
истакна Николоски.
Црногорскиот вицепремиер Ивановиќ нагласи дека поврзаноста меѓу државите не треба да се мери само преку политичките односи, туку и преку достапноста на економиите и можностите за соработка меѓу граѓаните и компаниите.
„Поврзувањето на државите ќе го овозможи патувањето на граѓаните, развој на туризмот и подобри можности за соработка на нашите институции. Веруваме дека ова поврзување со Скопје ќе придонесе за развој на економиите на двете држави“,
рече Ивановиќ.
На новинарско прашање дали се планира поврзување и на охридскиот аеродром со Црна Гора, Николоски рече дека со авиокомпанијата „Ер Монтенегро“ се преговара за уште две можни линии – поврзување на Тиват со Охрид, како и директна линија меѓу Скопје и Подгорица.
Ивановиќ на ова надополни дека со воспоставувањето на директно авиоповрзување е реализирано она што било желба и политичка волја на двете влади.
„Ова може да го сметаме само како почеток. Треба да видиме како ќе оди оваа авиолинија и потоа зависно од резултатите може да разговараме и на други линии во иднина“,
додаде Ивановиќ.
Како дел од заложбите за зајакнување на економските врски, договорено е следната година да се одржи бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од двете земји.
