Од партијата велат дека Македонија не треба да биде предградие на Москва, руска губернија и руска покраина додавајќи оти Левица ја поддржува Русија која четири години води војна

Левица учествуваше на форум на БРИКС во Москва и сака Македонија да биде дел од неа, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во денешното соопштение.
Од СДСМ се осврнуваат на средбите што раководството на Левица го имало со претставници на Евроазиската економска унија и Руската унија на производители и на соопштението од партијата во кое велат „Македонија има интерес да ги проширува дипломатските и економските хоризонти кон новите глобални центри“.
„Нема повеќе маски. Нема ‘автентична левица’. Има средба со Зјуганов, човек на црната листа на Америка. Има форум на БРИКС во Москва. Има јасен став против НАТО и ЕУ. Во земја членка на НАТО, со стратешки партнер Америка, со над 80 отсто поддршка за евроатлантскиот пат“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека Левица е против работниците и не гласала за минимална плата од 600 евра.
„Партија што се колне во работнички права, а празни сала за плата. Партија што се колне во суверенитет, а оди на средба во Москва на БРИКС“,
додаваат од опозициската СДСМ.
Велат дека Македонија не треба да биде предградие на Москва, руска губернија и руска покраина додавајќи оти Левица ја поддржува Русија која четири години води војна.
„Тоа поддржува Левица. Му исполнува на Мицкоски се за изолација и сиромаштија“,
се вели во соопштението.
Од СДСМ велат дека БРИКС не е иднина на Македонија и повторуваат оти иднината е ЕУ, закон за сите и независно европско обвинителство.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вчера реагираше и за средбата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој заедно со потпретседателот Реџеп Исмаил-Хактан и членот на Президиумот, Александар Симонов, што ја имале со Генадиј Зјуганов, претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација. Од СДСМ рекоа дека Левица веќе не крие оти е руска партија.
