Само неколку часа пред нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека разузнавачките служби имаат информации за подготовки за нови руски напади со балистички ракети

Едно лице е загинато во руски ноќен напад на украинскиот главен град Киев, објави Државната служба за вонредни ситуации (ДСНС).
Во нападот била погодена зграда во округот Днепровски која била делумно уништена и во која избувнал пожар. Телото на починатото лице било пронајдено од спасувачите кои биле на местото.
Во истиот округ биле оштетени и прозорците на станбена зграда и паркирани автомобили на две локации.
Во округот Дарницки, пожари избувнале во нестанбени згради, а биле погодени и магацини и покрив на нефункционална зграда.
„Во округот Дарницки, магацински згради беа погодени. Избувна пожар“,
објави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм.
Според информациите од градските власти, службите за итни случаи беа испратени на сите погодени локации.
Само неколку часа пред нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека разузнавачките служби имаат информации за подготовки за нови руски напади со балистички ракети.
Тој повторно ги повика западните сојузници да ги забрзаат испораките на противвоздушните ракети „патриот“, кои Украина ги користи за пресретнување на руските балистички ракети.
Овој напад на Киев следува по вчерашните удари низ Украина во кои, според украинските податоци, загинати се најмалку 20 лица, а 109 се повредени.
Утринава, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави дека ноќеска бил направен обид за напад со украински дронови врз главниот град, како еден од најмасовните оваа година.
Според Собјанин, од синоќа до утрово во Московскиот Регион биле испратени 862 беспилотни летала.
