Советот на РЕМ оцени дека нема основа за покренување постапка против телевизијата Н1
Претседателот на Советот на РЕМ, Стевица Смедеревац, најавил дека на следната седница би можел да биде разгледан и предлогот за распишување конкурс за избор на членови на Управниот одбор на Радио-телевизија Србија (РТС)
Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) во Србија денеска одлучи да покрене постапка против медиумите „Информер“ и ТВ Прва поради наводни прекршувања за време на изборната кампања. Оцени дека нема основа за постапка против телевизијата Н1, пишува српски „Инсајдер“.

Одлуката за покренување постапка против „Информер“ била донесена едногласно. Претставник на телевизијата треба да се изјасни за наводите на следната седница откако ќе бидат разгледани приложените докази.
Претседателот на Советот на РЕМ, Стевица Смедеревац, изјави дека наложил службата за надзор и анализа да ги спореди постојните пријави против „Информер“ со наводите во иницијативата поднесена од 32 организации, која на 52 страници опишува наводни прекршувања на прописите.
Според Смедеревац, треба да се утврди кои пријави веќе се во постапка или за нив Советот претходно одлучувал, а кои сè уште не биле разгледани. За наводите што не се опфатени со постојните пријави ќе бидат поднесени посебни пријави, врз чија основа ќе може да се покренат соодветни постапки.
Прегледот на пријавите и наводите од иницијативата треба да им биде презентиран на членовите на Советот на следната седница, заедно со извештаите за постапките што дотогаш ќе бидат завршени.
На седницата, членката на Советот на РЕМ, Дубравка Валиќ-Неделковиќ, побарала службена информација за статусот на портпаролката на телото, Оливера Зекиќ, односно дали таа сè уште е во работен однос.
Валиќ Неделковиќ и членот на Советот Родолјуб Шабиќ побарале и поранешната директорка на РЕМ, Рајка Галин-Ќертиќ, да присуствува на следната седница и да ги образложи причините за заминувањето од функцијата.
Иако официјално било соопштено дека таа заминува во пензија, тие побарале дополнително објаснување зошто одлуката ја донела непосредно по вербалната расправија со главниот уредник на „Информер“, Драган Вучиќевиќ.
Валиќ-Неделковиќ посочила дека Ќертиќ ги исполнувала условите за пензионирање уште пред три години, поставувајќи прашање зошто барањето било поднесено дури сега.
Советот на РЕМ на денешната седница го усвоил и финансискиот план на институцијата за 2027 година.
Смедеревац најавил и дека на следната седница би можел да биде разгледан и предлогот за распишување конкурс за избор на членови на Управниот одбор на Радио-телевизија Србија (РТС). Со предлогот се согласиле и Валиќ Неделковиќ и Шабиќ, нагласувајќи ја неговата важност.
Генералната директорка на РТС, Мања Грчиќ, вчера поднесе оставка од функцијата.
Вршителот на должност главен уредник на Информативната програма, Боривоје Ускоковиќ, пак, сменил осум уредници во редакциите и дописништвата на јавниот сервис, пренесе РТС.
Сменети се уредниците на дописништвата, регионалната редакција, емисијата „Око“, веб-страницата и редакцијата за дијаспората, како и уредниците на централниот „Дневник“ во 19:30 часот.
Пред оставката, Грчиќ ја разрешила Бојана Млаѓеновиќ од функцијата главен и одговорен уредник на информативната програма и предложила Ускоковиќ да ја преземе позицијата.
Кандидатите на Студентската листа „Студентите победуваат“ пред два дена упатија отворено писмо до раководството и Управниот одбор на Радио-телевизија Србија (РТС), Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и Народното собрание на Србија, во кое бараат одговорност за остварувањето на јавниот интерес во информирањето, оставки од раководството и уредниците на информативната програма на РТС, како и независно и транспарентно работење на медиумскиот регулатор.
Во понеделникот, демонстранти упаднаа во редакцијата на српскиот таблоид „Информер“, кој важи за близок до поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија.
Демонстрантите ја прекинаа програмата и побараа од сопственикот и главен уредник на медиумот, Драган Ј. Вучиќевиќ, да им се извини на граѓаните, обвинувајќи го за начинот на кој, според нив, со години ја поддржувал политиката на Вучиќ.
По неколку повици за интервенција, на местото пристигна специјалната полиција за сузбивање нереди.
