„Здравје и заштита на здравјето“ е новото име за изборниот предмет за учениците во средно гимназиско образование. Програмата има ист број часови и ист број теми. Но, секаде се избришани неколку термини, меѓу кои „род“ и „контрацепција“
Програмата за Сеопфатно сексуално образование (ССО) беше повлечена на почетокот на септември, само неколку дена откако епископот Јаков Стобиски во отворено писмо ја искритикува министерката за образование дека од опозиција била против т.н. „родова идеологија“, а на власт ја бранела со програмата за ССО. Министерката, откако ја повлече програмата, изјави дека ја прочитала и дека нема ништо спорно во неа. Зошто, тогаш, направиле измени, од МОН велат – по препорака на стручни лица, а не поради притисок на верска заедница
Случајот со промените на наставна програма во редовните училишта под притисок на верски авторитети не е и единствен пример на содејство или влијание меѓу гранки на извршната власт, конзверативни движења и верски заедници
Овие снимки се јавно достапни.
Направени се на т.н. „дрил камп“ кој летово се одржа во Маврово.
Млади луѓе, некои и малолетни, под надзор на инструктори вежбаат самоодбрана и боречки вештини, кардио, тегнење со јаже, ползење, склекови и друго.
Поддржано од МВР и од МПЦ?
Освен телесна, кампот вклучува и духовна наобразба.

Младите луѓе кои се посетители во кампот го споделуваат своето искуство во документарен филм објавен по настанот. Најголемиот дел, велат, дошле за да се тестираат себеси.
А, еден 16-годишник додава дека дошол за да види колку е спремен за специјалните единици.
Кампот, пишува во повиците пред неговото одржување, е поддржан од Единицата за брзо распоредување, која пак е дел од Министерството за внатрешни работи.

На друг постер, меѓу поддржувачите, е еден од манастирите кој е дел од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

А, организаторот е „Патриотско друштво“. Под ова име постојат профили на социјалните медиуми и веб-страница. Не најдовме дека под тоа име постои регистрирано правно лице во Централниот регистар. Според описот во делот „За нас“ на нивната интернет-страница, тоа е група од, како што велат за себе, патриоти кои меѓу другото:
„Сметаме дека декаденцијата на сите морални вредности и целосната незаинтересираност на Македонците на национално ниво, комбинирана со исклучиво хедонистичкиот животен стил, посебно кај младината, треба да се смени од корен. Патриотско друштво се фокусира на државата, верата и фамилијата.“
За движењето не може да се најде кој е основач, член или управител и преку други јавно достапни бази на податоци. Нивната интернет-страницата е регистрирана преку фирма од Делавер, САД. Сопствеништвото не може да се види ниту од содржините кои ги објавуваат на својот Фејсбук профил – оној што најверојатно е основач, на сите слики е со „смајли“ преку лицето.

Освен „Дрил кампот“, „Патриотско друштво“ организира и бројни хуманитарни активности, собири, комеморации. И, се разбира, има право да го прават тоа.
Основната причина поради која ни го привлекоа вниманието е тоа што зад активноста на релативно „таинствената“ организација со специфични вредности, барем според нивните повици, застанаа истовремено и полицијата и црквата. А, Македонија, по Устав е секуларна држава.
(Зло)употреба на ЕБР
Секуларноста, меѓу другото, значи дека државата не се меша во верските работи, а верските заедници не се мешаат во институциите и одлуките кои ги носат. По таа линија, се обративме до МВР со неколку прашања, меѓу другото – од кои причини МВР стои зад настан кој истовремено го поддржала и верска заедница?

„Единицата за брзо распоредување не поддржува, не организира и не учествува во активности од ваков вид, организирани од надворешни организации, ниту дава согласност за користење на нејзиното име, лого или институционално реноме за нивно промовирање без претходно одобрение.
одговорија од МВР.
Секое евентуално неовластено користење на името, логото или угледот на Единицата ќе биде разгледано во рамките на надлежностите на Министерството за внатрешни работи, согласно важечките прописи и утврдените процедури“,
Од МВР побаравме одговор и за улогата во која се двајца или тројца полициски службеници од редовниот состав, видливи на дел од видео-записот.

„Од страна на полициски службеници при вршење обиколка на подрачјето кај манастирот Св.Никола забележани се лица, извршен е разговор со нив, при што појасниле дека имаат спортски активности со инструктор по бокс. Воедно, лицата беа во спортска облека без обележја“,
одговорија од МВР.
Се обративме и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Главно, зошто нивни свештеници учествуваа со средби и советувања на настан кој според повиците на „патриотско друштво“ бил поддржан и од ЕБР? Но, и која организација формално поддржале?

„Светиот Синод нема донесено одлука, ниту има дадено препорака со која свештеник или монах би бил упатен да учествува во настаните организирани од посоченото здружение, да остварува средби со неговите претставници или да им дава совети во врска со нивните активности. Во однос на присуството на одредени клирици на овие настани, потребно е дополнително да се истражи и да се разјасни дали тоа било со евентуален благослов на надлежните епархиски власти или, пак, станува збор за нивна самостојна одлука“,
Одговорија од МПЦ-ОА.
Потоа, прашавме и – дали ги споделуваат вредностите на движењето „Патриотско друштво“.
„Не постои акт или документ усвоен и одобрен од Светиот Синод на МПЦ-ОА со кој се дава поддршка на посоченото здружение, ниту, пак, постои таков акт или документ со кој се одобрува организирањето камп со наведените активности. Ставовите на МПЦ-ОА и нејзините вредносни определби и начела се втемелени во Светото Евангелие, канонскиот поредок и преданието на Црквата“,
одговорија од МПЦ-ОА.
Конзервативни сили, верски заедници, држава…
Во последниот период имаше неколку случаи на содејство меѓу антиродови движења, црквата и државата.
Минатиот месец обелоденивме дека црковно-граѓанската фондација „Елеуса“ добила државни средства.
Парите се за проект од граѓанскиот живот кој и се реализира – за инклузија на руралната жена. Организацијата постојано има и хуманитарни активности.

Но, „Елеуса“ е регистрирана на адресата на храмот „Св.Кирил и Методиј“ во Струмица. Истата адреса е контакт и за трите нејзини сопственички и управителот.
Како организација беа меѓу најгласните противници на Предлог-законот за родова еднаквост кој, по протестите и на МПЦ-ОА, на крај не го помина собранискиот филтер во 2023 година.

Друг пример на потенцијално влијание на црковната врз извршната власт е од почетокот на учебната година.
Епископот Јаков Стобиски, гласен противник на предлог-законот за родова еднаквост, на почетокот на септември испрати отворено писмо до министерката за образование Весна Јаневска, а во врска со програмата за Сеопфатно сексуално образование – изборен предмет во средните училишта.
Прво, ја критикуваше затоа што од опозиција таа беше децидно против употребата на поимот „род“.
„Ако ставовите се менуваат со столчето, со функцијата и со партиската потреба, тогаш каде е принципот? Каде е образот? Каде е она едно лице со кое човек треба да излезе пред Бога?“,
пишува Јаков Стобиски во дел од отвореното писмо.
А, ја повика и да ја повлече програмата.
„… се прашувам во какво бунило одлучивте да им го наметнувате ова лудило на децата? Дали можеби во опијанетоста од власта се понадевавте дека овојпат ќе се плашиме да достоиме на евангелските принципи и на браникот на вистината?“
Речиси веднаш, министерката за образование ја повлече програмата, за како што ја нарече, длабока ревизија по барање на јавноста.

Една недела по повлекувањето, кажа дека самата се запознала со програмата.
„Лично ја прочитав. Не гледам ништо спорно. Но, побарав од бирото да направи стручна ревизија, заедно со стручни тела и стручњаци од Македонија, да ја погледнат уште еднаш програмата и да кажат свое мислење. Побарав тоа да биде брзо направено за да можеме да ја вратиме програмата повторно“,
изјави министерката за образование Весна Јаневска при гостувањето во Дневникот на МРТ1 на 17.9.2026 година.
Прочистен текст
И покрај ставот на министерката дека нема ништо спорно, Бирото за развој на образованието ја смени програмата за Сеопфатно сексуално образование. Сега го носи насловот – „Здравје и заштита на здравјето“.
Доколку се споредат внимателно двата документи јасно е дека новиот е прилагодена верзија на стариот.

Во новата програма, една од главните измени е што секаде е избришан терминот род, а е допишана нова формулација. На пример, темата 1 „Род и родова рамноправност“ сега се нарекува само „Рамноправност“, а во неа нема лекција „Родова еднаквост – родови стереотипи и предрасуди, родова дискриминација и сексизам“ туку „ Рамноправност – стереотипи и предрасуди, дискриминација“.
Потоа, темата 4, од „Сексуално и репродуктивно здравје“ станала само „Репродуктивно здравје“. Во старата програма имало два часа за „Бременост и контрацепција – методи на контрацепција, настанување и потврдување на бременост“. Сега, контрацепцијата е избришана и двата часа гласат „Бременост и заштита од несакана бременост – настанување и потврдување на бременост“.
Темата 7, од „Сексуални и репродуктивни права“ станала „Права и одговорности поврзани со здравјето“. Таму, меѓу другото, повеќе не постои лекција за „Различност и дискриминација – сексуална различност, дискриминација и хомофобија, почитување на различностите и спротивставување на дискриминацијата“ туку само за „Дискриминација – почитување, еднаков третман и спротивставување на дискриминацијата“.

Зошто, ако немало ништо спорно, Министерството ја смени програмата и тоа токму по теркот на претставник на православната црква, прашавме во ресорот кој го води Весна Јаневска.
„Во конкретната ситуација, промените во наставната програма по посочениот изборен предмет, се направени по анализа на јавното и стручно мислење, како на претставниците од Комората на психолози, а не врз основа на мислење или реакција на претставници на верска заедница. Интегрирани се забелешките кои најчесто се повторуваа од различните субјекти кои ги посочуваа, но суштината на предметот останува иста – едуцирање на младите за заштита на личното здравје, а наставниците се обучени како на најдобар можен начин да им помогнат на учениците во тоа преку пренесување на знаењето“,
ни одговорија од Министерството за образование.
Ваквите примери не се типични само за земјава. Ги има и во соседството. Најчести се усилбите на конзервативно-црковни групи во врска со родовите прашања и Истанбулската конвенција. Така беше и во Хрватска, така беше во Бугарија, така е и на други места источно и западно од земјава.
Разликата од држава до држава е во тоа – како реагира политичката елита.
