Постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година, приватната здравствена установа се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра. Врз основа на лажни податоци во електронскиот систем на ФЗО се изготвувале фактури со лажна содржина, а приватната болница наплаќала исти услуги и од ФЗО и од пациентите. Со двојната наплата, според пријавата на МВР, биле оштетени меѓу 3 000 и 4 000 пациенти
Осум лица се приведени во рамките на истрагата на МВР и ОЈО ГОКК за сомнежи за незаконски постапки поврзани со операции на очи и злоупотреби на средства од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Во рамки на акцијата спроведена во текот на денешниот ден полицијата извршила претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и во Куманово, при што се приведени осум лица, а се запленети околу 50 000 евра и мобилни телефони.

Од МВР информираат дека до надлежното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се поднесени критични пријави против 11 физички лица, меѓу кои еден албански државјанин и против една приватна здравствена установа од Скопје. Пријавените се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување или уништување деловни книги, измама во службата и перење пари и други приноси од казниво дело. Пријавите се поднесени против:
„Д.Д. (60) од Скопје, О.Р. (66) од Тетово и С.Б. (59) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување, Р.А. (45) од Куманово за несовесно работење во службата, З.А. (35) од Скопје за фалсификување или уништување деловни книги, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А. (40) од Скопје и Г.А. (33) од Р. Албанија за злоупотреба на службената положба и овластување, Ц.С. (47) од Скопје, Ж.С. (58) од Скопје и И.П. (49) од Скопје за несовесно работење во службата и против приватната здравствена установа од Скопје за перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според пријавата, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерните акти на Фондот. За неправилности при неговото одобрување се сомничи претседателот на Управниот одбор.
Врз основа на договорот, според МВР, биле внесувани лажни податоци во електронскиот систем на ФЗО и се изготвувале фактури со невистинита содржина, а приватната болница наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На тој начин, покрај законската партиципација, на пациентите им била наплаќана и приватна цена за операциите, при што од нив било сокриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО. Со ваквата двојна наплата, според пријавата, биле оштетени меѓу 3 000 и 4 000 пациенти.
„Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите“,
велат од МВР.
Се истражуваат и сомнежи дека средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во приватната болница знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за плати, набавки и други исплати.
„Според пријавата, штетата на буџетот на ФЗО изнесува 104 818 754 денари, односно околу 1,7 милиони евра, за исплати по фиктивни фактури, и дополнителни 525 000 денари за ненаплатени договорни казни. Постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од 261 271 961 денари, односно околу 4,25 милиони евра“,
додаваат од Министерството за внатрешни работи.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно денеска изјави дека акцијата на МВР е повеќемесечна и е темелена на повеќе од една година истрага. Истрагата, како што рече, била иницирана од него додека беше на чело на Фондот за здравствено осигурување.
