Филипче го обвини Мицкоски за дискредитации, навредите кон граѓаните, криминалните врски со Вучиќ, избегнувањето конкретни одговори пред јавноста и распродажбата на земјата
Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како лаги и политички хистерии кои ја рефлектираат немоќта на опозицијата
Обвинувања за начинот на владеење, пропагандни кампањи, финансиски текови, отворање рудници, но и за лаги и ширење политички хистерии денеска си разменија лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница на која на дневен ред беа пратенички прашања.

Филипче го обвини Мицкоски за дискредитации, навредите кон граѓаните, криминалните врски со Вучиќ, избегнувањето конкретни одговори пред јавноста и распродажбата на земјата.
Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како лаги и политички хистерии кои ја рефлектираат немоќта на опозицијата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, отворено му порача на премиерот дека ја почитува функцијата, но не и него лично, обвинувајќи го за политички отстрел и избегнување отчетност повеќе од две години.
„Сакам да кажам ‘почитуван премиер’, ама не можам. Ја почитувам функцијата, меѓутоа, премиере, не и тебе лично, најмногу поради тоа што на тој начин ја практикуваш власта. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнувања, дискредитации. Работиш, правиш простор за политички отстрел на твоите политички противници, но и на твои блиски луѓе кои не работат така како што ти им диктираш“,
рече Филипче.
Филипче се осврна и на надворешнополитичките и финансиските прашања, тврдејќи дека системот на политичка поддршка од Србија се губи со поразот на доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, а прашањата ќе мора да се одговараат и пред европските институции.
„Јас знам дека тебе сега не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места. Онака како што јасно, недвосмислено, многу брутално и што би рекол ти, робусно, кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека пред Европа ќе треба да се одговара пред европското обвинителство“,
кажа тој.

Тој отвори прашања и за потенцијални сомнителни финансиски трансфери и прашањата за отворање рудници, предупредувајќи за опасност по животната средина и здравјето.
„Во оваа тешка ситуација доаѓам до прашањето, тоа по што посегнуваш очигледно е распродавање на земјата како за рудници и за туѓи бизнис-интереси. Се промовираа низ државата пред јавна дебата нов просторен план на кој се впишани рудниците. Јасно и недвосмислено да кажеш дали ги поддржуваш проектите за отворање на рудниците во Шутка односно Иловица, Казандол, рудникот за антимон во Крива Паланка, како и испитувања на земјата за потенцијално отворање на рудник на Кожуф“,
праша Филипче додавајќи дека доколку започнат постапките, ќе се соочат со сериозен отпор и „жив ѕид“ од граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли сите обвинувања, оцени дека тие доаѓаат од немоќ и порача дека времето и ревизорските извештаи ја докажуваат вистината за работењето на Владата.
„Овие прес-конференции коишто вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на кој чиј и каков ментор бил нема да ги коментирам. Ќе оставиме времето да даде одговор на сето тоа коешто вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате. Значи во овие шест месеци нема ни ‘к’ од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело“,
одговори Мицкоски.
Во продолжение Мицкоски се осврна на личните квалификации и обвинувања што ги добивал од лидерот на опозицијата, порачувајќи му дека неговите реакции се резултат на сопствената потсвест и товар.
„Што е вашиот проблем, вие сте медицинско лице, вие добро знаете што е потсвест и во филозофска и во здравствена смисла. Потсвеста е многу интересна работа, знае секогаш да биде проблематична. Таа потсвест некогаш претставува голем товар. Тоа што вие го чувствувате како потсвест го проектирате на другите. И тоа е проблем, ама тоа е ваш проблем, не е наш“,
истакна Мицкоски.

Тој додаде дека нема намера да одговара на навредите и тешките обвинувања што беа изнесени на негова сметка.
„Ме обвинивте дека сум трансферирал дрога, пари, што сѐ не се изнаслушав – од тоа дека сум идиот и не знам уште што. Нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам, мислам дека не заслужувате“,
додаде премиерот.
Премиерот возврати и на обвинувањата поврзани со спорните концесии и рудници, фрлајќи ја одговорноста врз поранешните влади предводени од СДСМ. Тој рече дека е за отворање на рудникот за антимон во Крива Паланка додавајќи дека истото мислење го дели градоначалникот кој доаѓа од редовите на СДСМ.
„Проектот Штука-Иловица е почнат од влада што ја предводел предлог на СДСМ, Владо Бучковски. Доаѓаме со следна влада на СДСМ и ДУИ, кога на владина седница Министерството за економија носи одлука за спојување на двете концесиски подрачја. За да потоа неколкумина од тогашната влада се прават дека не биле присутни на таа седница. Јас не ја распродавам државата, го враќам тоа што вие го распродадовте“,
рече Мицкоски.
На ова како реплика Филипче го повика премиерот да ги врати поранешните политики или уставното име доколку смета дека може.
„Во однос на другиот дел од одговорот, би рекол дека си ја погрешил професијата, би бил добар уредник на ‘Информер’ или на ‘Колегиум’, но за жал тие се гасат сега. Не ти оди со водењето на државата“,
кажа Филипче.
