Од Амбасадата на Русија велат дека веднаш по објавувањето на соопштението од АНБ се обратиле до македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија и побарале средба меѓу рускиот амбасадор и раководството на МНР и АНБ за да бидат разјаснети изнесените обвинувања. До денес, велат од руската амбасада, не само што средбата не е одржана, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота
Агенцијата за национална безбедност на 1 октомври годинава објави дека во заедничка акција со МВР и Обвинителството презема опсежни активности за откривање и спречување на деструктивна пропагандна мрежа во земјава, која работи во корист на руските интереси и странски фактори. Во рамките на истрагата осомничено е најмалку едно лице, македонски државјанин, за кого постои сомнение дека е дел од странскиот пропаганден апарат интегриран во македонскиот медиумски простор
Амбасадата на Руската Федерација во Македонија ги отфрли како неосновани наводите што на почетокот на месецов ги изнесе Агенцијата за национална безбедност (АНБ), дека во земјава е откриена деструктивна пропагандна мрежа, која работела во корист на руските интереси и странски фактори.

„Решително ги отфрламе неоснованите обвинувања против нашата земја за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на АНБ, имале за цел да ‘се поткопува довербата во институциите’ и ‘се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост’. Изразуваме решително несогласување со етикетирањето на наводното прекршување на повеќе членови од Кривичниот законик од страна на македонски државјанин, кое е предмет на истрага, како ‘проруски хибридни активности’“,
се наведува во соопштението на руската амбасада во земјава.
Оттаму додаваат дека веднаш по објавувањето на соопштението од АНБ се обратиле до македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија и побарале средба меѓу рускиот амбасадор и раководството на МНР и АНБ за да бидат разјаснети изнесените обвинувања. До денес, велат од руската амбасада, не само што средбата не е одржана, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота.
„Сметаме дека обидите за префрлање на одговорноста врз Русија за проблемите што постојат во односите меѓу Северна Македонија и некои од нејзините потенцијални партнери од ЕУ претставуваат неуспешен обид да се одвлече вниманието на македонската јавност од вистинските причини за она што се случува“,
се додава во реакцијата на Амбасадата на Руската Федерација.
Русија бара институциите во земјава официјално да ги разјаснат обвинувањата против неа и изразува уверување дека македонскиот народ и понатаму има пријателски чувства кон Русија и дека ќе ја препознае, како што тврди Москва, вистината во случајот.
Агенцијата за национална безбедност на 1 октомври годинава објави дека во заедничка акција со МВР и Обвинителството презема опсежни активности за откривање и спречување на деструктивна пропагандна мрежа во земјава, која работела во корист на руските интереси и странски фактори. Во рамките на истрагата осомничено е најмалку едно лице, македонски државјанин, за кого постои сомнение дека е дел од странскиот пропаганден апарат интегриран во македонскиот медиумски простор.
Според АНБ, руската пропагандна мрежа користела клонирани интернет-портали со македонски домен за ширење дезинформации и манипулирање со јавноста. Целта, според Агенцијата, е да се намали довербата во институциите, да се поттикне етничка омраза и да се попречат евроинтеграциите на Македонија.
- Откриена руска пропагандна мрежа во Македонија – се ширеле лажни вести преку клонирани псевдопортали
Ова не е изолиран случај што го истражуваат безбедносните служби. Во март годинава АНБ објави дека попречиле хибридни активности на недржавни прокси актери. Соопштение тогаш објави и обвинителството, кое најави кривичен прогон за едно лице за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Медиумите тогаш не го објавија името на осомничениот македонски државјанин, туку на поттикнувачот – Виктор Стојанов, претседател на бугарската Фондација „Македонија“ со седиште во Софија, кој има забрана за влез во земјава, како и дека МВР и АНБ истражуваат дваесетина портали и страници на социјалните медуми со цел ширење на говор на омраза во врска со спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Во меѓувреме, „360 степени“ откри најмалку пет фејсбук-страници на македонски јазик, управувани од Бугарија, кои се прикажуваат како медиуми, а се поврзани со бугарската фондација „Македонија“. Дека станува збор за истата мрежа на медиуми практично потврди и самата Фондација „Македонија“ откако на својата фејсбук-страница објавија реакција во која обвинуваат дека земјава апси прозападни новинари, додека јавно тврди дека уапсила претставници на руската пропаганда.
