Генсекот на ЛДП, Боби Мојсоски, оценува дека намерата на власта е да ја наполни јавната администрација со партиска војска пред избори, на грбот и на трошок на граѓаните
Предлог-законот на владејачкото мнозинство за трансформација на работниот однос на дел од ангажираните во јавната администрација од времен во редовен наиде на жестоки критики од Либерално-демократската партија ЛДП, од каде потегот на власта го оценуваат како лицемерен и потценувачки кон македонската јавност.

Поранешниот пратеник и актуелен генерален секретар на ЛДП, Боби Мојсоски, вели дека власта за само 24 часа ги демантирала сопствените пропагандни бајки. Според него, од една страна премиерот Христијан Мицкоски присуствува на „гламорузни презентации“ на апликацијата „м.Услуги“, што треба да ги намали административните услуги преку хартија и шалтери, а од друга страна, владејачкото мнозинство „шверцува“ одлуки за „масовно трајно вработување на илјадници луѓе во јавната администрација“.
Генсекот на ЛДП оценува дека намерата на власта е да ја наполни јавната администрација со партиска војска пред избори, на грбот и на трошок на граѓаните.
„Ова е дрско безобразие, лицемерие и отворено потценување на интелигенцијата на македонските граѓани! Каква е таа ‘дигитализација’ во која ги укинувате шалтерите, а истовремено барате нови десетици илјади измислени работни места во државните канцеларии? Колку десетици милиони евра ќе нè чини ова лудило и од празниот буџет? Одговорот е еден и единствен – ова не е никаков реформски чекор, туку брутално пумпање на јавната администрација со партиска војска пред избори, директно на грбот и на трошок на народот! А народот е пред банкрот!“,
вели тој.
Додава дека додека целиот свет инвестира во вештачка интелигенција, автоматизација и помала и побрза и поефикасна држава, актуелната влада ја враќа земјата во „најцрните времиња на партискиот клиентелизам“.
„Властите го стегаат ременот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај, а ги шират редовите на непродуктивната партиска машинерија”,
заклучува Мојсоски.
Во овој контекст од Либерално-демократската партија ја повикуваат власта да престане со, како што велат, евтините театри и паралелните реланости бидејќи, посочуваат, државата не е партиски плен, ниту народот е тука за да ги финансира изборните апетити на власта.
„Бараме итен вистински рез во државните трошоци, вистинска дигитализација со вештачка интелигенција и стоп за новото лудило на Владата кое го бутка народот на колена и со свиткан ‘рбет!“,
се вели во реакцијата на ЛДП.
За потсетување, пратениците од владејачкото мнозинство завчера поднесоа предлог-закон со кој дел од ангажираните со договор на дело во јавните институции ќе добијат редовно вработување. Законското решение е предложено во скратена постапка и веќе се наоѓа во собраниска процедура. Во образложението на предлог-законското решение, кое содржи 12 члена, се наведува дека со него системски се решава децениски проблем со кој се соочуваат голем број лица во јавниот сектор ангажирани со договори на дело, авторски договор или друг договор за извршување работа.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека со предлог-законот треба да бидат опфатени околу 6 000 лица кои сега се ангажирани со договори на дело во институциите.
Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања по свечената промоција на мобилната апликација „м.Услуги“ со која граѓаните добиваат дигитален пристап до јавните услуги и своите електронски документи.
