Во истражувањето на ЦГК се наведува дека 15 општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 176 милиони евра односно првите 15 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 66 општини заедно
Локалните власти лани соработувале со 1 185 компании, но анализите покажуваат зголемена концентрација на средствата кај мал број фирми. Околу 27 отсто од вкупната вредност на сите тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот на листата според вкупната вредност на склучените договори се наоѓа струмичката компанија „Жикол“ со околу 16 милиони евра

Општините во земјава и Градот Скопје во 2025 година склучиле вкупно 4 300 договори за јавни набавки во рекордна вредност од 21,9 милијарди денари, односно околу 356 милиони евра. Оваа сума бележи двојно зголемување во однос на претходната година и е еднаква на потрошеното во претходните две години заедно, што во голема мера се должи на средствата обезбедени преку владиниот „Унгарски кредит“ за инфраструктурни проекти.
Според најновото истражување и специјалната база на податоци за јавните набавки на општините за 2025 година, изработена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), просечно на јавни набавки биле потрошени рекорден дел од буџетите – дури 48 отсто. Кај 36 општини овој удел надминал 50 проценти, а највисок е забележан во Општина Чучер Сандево – 127 отсто и Општина Пласница со 91 процент.
Општина со најголема вредност на јавните набавки во 2025 година е Тетово со 22,5 милиони евра, што претставува скок од рекордни 20 милиони евра во однос на претходната година.
Веднаш после неа се наоѓа Општина Гази Баба која има вредност на јавните набавки од 16,6 милиони евра. Општините Штип и Аеродром се на трето и четврто место со јавни набавки вредни околу 14,2 милиони евра, а по нив е Општина Куманово со потрошени 13, 3 милиони евра за јавни набавки.

На шесто место е скопски Карпош со 12,5 милиони евра, а еден милион помалку, односно 11,5 милиони евра е вредноста на јавните набавки во 2025 година на Општина Гостивар. По неа следува Општина Велес со 9,8 милиони евра потрошени на јавни набавки додека на деветтото односно десетто место се општините Битола и Ѓорче Петров со набавки вредни околу 9,4, односно 9,3 милиони евра.
Во истражувањето на ЦГК се наведува дека 15 општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 176 милиони евра односно првите 15 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 66 општини заедно.
Минатата година, седум општини имале вредност на јавните набавки над десет милиони евра. Помеѓу пет и десет милиони евра имале 16 општини, а 45 локални самоуправи имале вредност на јавните набавки помеѓу еден и пет милиони евра. Лани само 13 општини имале договори за јавни набавки во вредност помала од милион евра.
Најниска вредност на јавни набавки лани имала Општина Старо Нагоричане и тоа околу 468 илјади евра.
Кај Општина Тетово лани имало и најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки и тоа рекордни 20,5 милиони евра. По неа е Општина Карпош со годишно зголемување од 9 милиони евра, па следуваат Куманово и Гостивар со 7,4 односно 7,3 милиони евра.

Според податоците од ЦГК, 22 општини имале зголемување на јавните набавки од два до 4,5 милиони евра, додека кај останатите 39 општини, вредноста на јавните набавки во 2025 година е зголемена за помалку од два милиони евра.
Десет општини минатата година имале намалување на вредноста на набавките во однос на 2024 година. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2025 година бележи Општина Струмица, од дури 6,1 милиони евра, а по неа следуваат општините Битола, со пад од два милиони евра, Арачиново, со намалување од близу 700 илјади евра, Маврово и Ростуше со 400 илјади евра и Општина Росоман, со пад од околу 340 илјади евра.
Пресврт има кај Град Скопје, кој втора година по ред ја губи апсолутната доминација. По ланскиот пад на шестото место, годинава градот се наоѓа на 14 позиција со тендери во вредност од 8,5 милиони евра.

Град Скопје и десетте општини лани имале јавни набавки во вредност од 29 отсто од вкупните набавки што ги имале сите 80 единици на локалната самоуправа и Град Скопје.
Минатата година, Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 105 милиони евра, што е за 47 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 отсто.
Гледано по жител, во просек се потрошени рекордни 313 евра што е повеќе од двојно повеќе од ланските 131 евро. Најмногу издвоила Општина Чаир – 2 381 евро по жител, додека најмалку имале Центар Жупа – 12 евра и Градот Скопје со 16 евра.

Локалните власти лани соработувале со 1 185 компании, но анализите покажуваат зголемена концентрација на средствата кај мал број фирми. Околу 27 отсто од вкупната вредност на сите тендери завршила кај само 10 фирми.
На врвот на листата според вкупната вредност на склучените договори се наоѓа струмичката компанија „Жикол“ со околу 16 милиони евра. Истата фирма склучила и поединечно најголем договор од 4,1 милиони евра за доградба на училиштето „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.

На второ место е „Ленди Груп“ од Скопје со склучени 49 договори во вредност од околу 14 милиони евра за изградба и реконструкција на улици.
Третопласирана е битолската компанија „Стентон Градба“ со 11,7 милиони евра и склучени 27 договори со вкупно 10 општини.
Воедно, податоците покажуваат дека кај 21 општина една единствена фирма имала удел поголем од 50 отсто во вкупните општински набавки, а кај скопски Сарај овој удел изнесува дури 84 отсто. Веднаш после неа е Општина Теарце со 77 отсто, па Росоман, Центар Жупа и Радовиш со 67 проценти.
