Таа има 11-годишно искуство, а во октомври 2024 г. беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК

Обвинителката Искра Хаџи Василева победи на денешните непосредни избори за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), дознава „360 степени”.
Таа освоила најмногу гласови во конкуренција на обвинителите Трајче Пеливанов, Фатон Азизи, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.
Хaџи Василева е јавна обвинителка со 11-годишно искуство и е од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Во октомври 2024 година беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК.
Од јавно експонираните случаи, Хаџи Василева во моментов го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов.
При презентација на својата програма пред Советот на јавни обвинители, таа претходно месецов истакна дека работата би ја темелела на четири столба – ефикасност и ажурност во постапувањето, поголема активност во финансиските истраги, конфискацијата на имот и максимално искористување на истражниот центар и зајакнување на кадровската екипираност и на капацитетите преку дигитализација, а ја наведе и поголемата транспарентност, која, како што рече, ја зголемува јавната доверба во институцијата.
Инаку, вкупно 187 јавни обвинители имаа право на глас, а изборот денеска се спроведе во републичкото обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства по апелациски подрачја во Скопје, Гостивар, Штип и во Битола. Резултатите од гласањето вечерва треба да ги сумира тричлена комисија од Советот на јавни обвинители, на јавна седница.
Досега со ОЈО ГОКК раководеше Ислам Абази.
