Одговорајќи на прашање на една од компаниите, дали се во план некаков тип стимулации или воведување годишни вињети за компаниите чии вработени патуваат секој ден до Скопје и назад, вицепремиерот се согласи дека ова е добра идеја која ќе биде разгледана со Јавното претпријатие за државни патишта

Повеќе од 70 отсто од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани и воведувањето вињети може драстично да го поскапи патувањето, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој додава дека автопатиштата и експресните патишта во земјава ги користат помалку од 30 отсто од возилата.
Николоски смета дека кога би се вовел ваков систем, обврската би важела за сите, што би значело сериозно поскапување на регистрацијата на возилата.
„Нашите два коридора, 8 и 10, се паневропски и главно се користат за транзит. Оние големи суми за патарини кога ќе ги слушнете, од кои ги градиме автопатите и експресните патишта, во суштина во сериозен процент се од транзит-патници, односно од патници кои не се од Македонија. На пример, коридорот 10 има 10 милиони патници годишно или околу 4,5 милиони возила, а Македонија има еден милион и 800 илјади жители, така што мислам дека е сè јасно“,
истакна Николоски пред претставниците на Македонско-германското стопанско здружение.
Одговарајќи на прашање на една од компаниите, дали се во план некаков тип стимулации или воведување годишни вињети за компаниите чии вработени патуваат секој ден до Скопје и назад, вицепремиерот се согласи дека ова е добра идеја која ќе биде разгледана со Јавното претпријатие за државни патишта.
„Се согласувам дека идејата е добра, особено за оние што имаат дневна мобилност. Можеме за ова да поразговараме со Јавното претпријатие за државни патишта“,
нагласи Николоски.
