Претседателот на САД во изјавата за медиумите оцени дека досега е постигнат голем напредок во преговорите за прекин на војната во Украина и најави оти наскоро ќе биде организирана средба меѓу лидерите на двете земји
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека многу наскоро ќе биде организирана средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Тој во изјавата за медиумите додаде дека досега е постигнат голем напредок во преговорите за прекин на војната во Украина.

„Мислам дека имаме голем напредок во однос на Русија и Украина. Многу наскоро ќе биде организирана средба“,
изјави Трамп за новинарите.
На прашањето кој ќе присуствува на средбата, американскиот претседател ги наведе Путин и Зеленски, но не даде дополнителни детали за времето, локацијата или форматот на средбата. Ниту Киев ниту Москва досега официјално не потврдија дека двајцата лидери се согласиле да одржат средба.
Инаку, изјавата на Трамп доаѓа во пресрет на планираните трилатерални преговори во ноември, во кои ќе учествуваат претставници од Украина, САД и Русија. Последните преговори меѓу Киев и Москва со посредство на САД се одржаа на почетокот на годината со три рунди разговори во Абу Даби и Женева.
