Инаку, според извештајот, проблемите со евиденцијата се повразни и со, условно кажано преструктуирањето на владините ресори со доаѓање на актуелната влада во јуни 2024 година кога дотогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) беше, условно кажано, поделено на два посебни ресори – Министерство за јавна администрација и Министерство за дигитална трансформација
Во 2024 година, одговорните во Министерството не ја осигуриле институцијата од пожари и природни непогоди, поплава, кражба и расипување на недвижноста и опремата со која располага. Тоа значи дека при евентуална штета на имотот, трошоците за санација наместо осигурителна компанија ќе треба да бидат покриени од државниот буџет, односно од парите на граѓаните
Набавки без тендер, непополнети работни места, неосигурени објекти, како и нецелосен попис и нерасчистена евиденција на имот, се дел од главните наоди во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за основниот буџет на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година.

Имено, Ревизорот утврдил нецелосни податоци со евиденцијата на недвижностите и основните средства, нецелосна документација за јавните набавки, доцнење во евидентирањето на фактурите и слабости во внатрешната контрола.
Поради утврдените слабости, во извештајот се нотира дека ревизорите не можеле да обезбедат доволно податоци и докази за да изразат мислење за финансиските извештаи на Министерството, додека за законитоста на работењето дале мислење со резерва.
„Не бевме во можност да прибавиме достатни и соодветни ревизорски докази како основа за мислење за ревизија“,
се наведува во извештајот во делот за финансиските извештаи на Министерството за дигитална трансформација.
Инаку, тоа што ревизорите не изразиле мислење за финансиските извештаи не значи оти утврдиле дека сите прикажани податоци се погрешни, туку дека немале доволно соодветни докази за да ја потврдат нивната веродостојност.
Нецелосен попис и објекти вредни 1 денар
Еден од наодите на Државниот ревизор се однесува на пописот и нерасчистената евиденција на недвижниот имот на Министерството. Особено внимание привлекува податокот дека во вонбилансната евиденција 16 деловни објекти биле заведени со вредност од по еден денар по објект, и за кои Министерството немало комплетна документација. До денот на известување од извршената ревизија ваквата состојба не е надмината, што, според Ревизорот, не е во согласност со Законот за катастар на недвижности со кој се уредува задолжителноста на запишувањето на правото на сопственост.
Инаку, според извештајот, проблемите со евиденцијата се повразни и со, условно кажано, преструктуирањето на владините ресори со доаѓањето на актуелната влада во јуни 2024 година кога дотогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) беше поделено на два посебни ресори – Министерство за јавна администрација и Министерство за дигитална трансформација.
Во рамките на поделбата извршена е делба на имотот, како и вонредни пописи на состојбата кои не биле целосно спроведени. Не бил направен делбен биланс за распределба на просториите, инвентарот, опремата, документацијата, архивата и другите средства на двете институции.
„Презентираниот материјал од извршениот вонреден попис упатува на нецелосно спроведен попис согласно Правилникот за сметководство на буџети и буџетските корисници, од причина што не е извршен попис на дел од нематеријалните средства и мобилните телефони со кои располага МИОА, што не е во согласност со член 29 став 2, каде е уредено дека со попис се утврдува и состојбата на материјалните и нематеријалните средства и ситниот инвентар. Градежните објекти се евидентирани во пописните листи но не е наведена документација за истите. Листата содржи 19 објекти од кои 6 се воведени во материјално финансиската евиденција на Министерството со одредена проценета вредност, додека 13 се содржани во вонбилансната евиденција со вредност од по 1 денар…Во вонбилансната евиденција, евидентирани се 16 деловни објекти со вредност од по еден денар за кои Министерството не располага со комплетна документација. За оваа состојба известивме и во конечните извештаи за извршена ревизија на овластениот државен ревизор за МИОА“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Во материјалната евиденција, пак, како што се нотира, имало ставка „Објекти“ во вредност од 140,05 милиони денари, односно околу 2,28 милиони евра. Сумата претставувала 92,29 проценти од вкупната сегашна вредност на градежните објекти, но не била доставена документација со која би можело да се утврди на кои конкретни објекти се однесува. Ревизорите препорачуваат да се обезбедат имотни листови, да се процени вредноста на објектите и тие правилно да се евидентираат во деловните книги.
Невпишани објекти во Агенцијата за катастар на недвижности
Според Рервизорот, ниту редовниот попис на 31 декември 2024 година не го опфатил целиот имот, односно не биле попишани недвижностите, нематеријалните средства и возилата. Не било направено ниту усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба. Дополнителен проблем е деловниот простор од 908,48 квадратни метри на улицата „Филип Втори Македонски“ број 11 во Скопје, кој бил доделен на Министерството за дигитална трансформација во август 2024 година. Иако имало имотен лист, не била проценета неговата вредност и просторот не бил внесен во деловните книги.
Дополнително, со одлуки, на користење на Министрерството дадени се деловни објекти на МИОА во Охрид, Куманово, Тетово и во Скопје на Ул.”Кеј Димитар Влахов” за кои има сметководствена евиденција во деловните книги, но на ревозорите не им бил презентиран доказ дека се преземени активности за впишување на правото на користење на овој имот во Агенцијата за катастар на недвижности.
„Во 2024 година донесени се две одлуки за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари на Министерството за дигитална трансформација и одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари, со кои на МДТ му е доделен деловен простор во вкупна површина од 908,48 м2 на улица Филип 2 Македонски бр.11 во Скопје. За овој деловен простор обезбеден е имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности, но не се преземени активности за проценка со цел воведување на истиот во деловните книги. Со одлука на МИОА му престанува користењето на недвижна ствар деловен простор на бул.Кирил и Методиј бр.54 Скопје (поранешна Нова Македонија). Новонастанатата состојба и во текот на вршење на ревизијата не е евидентирана во деловните книги на МДТ, односно не е извршено намалување на вредноста на градежни објекти во материјалната и финансиска евиденција“,
се наведува во извештајот.

Јавни набавки без тендер над законскиот минумум од 12 илјади евра
Кога станува збор за јавните набавки, Ревизорот нотира дека во текот на 2024 година биле набавени стоки без спроведена постапка за јавна набавка во износ 2,7 милиони денари, околу 44 400 евра. Ова е спротивно на одредбата од Законот за јавни набавки според која вкупната вредност на набавките без тендер не смее да надмине 12 илјади евра.
Во 2024 година, одговорните во Министерството не ја осигуриле институцијата од пожари и природни непогоди, поплава, кражба и расипување на недвижноста и опремата со која располага. Тоа значи дека при евентуална штета на имотот, трошоците за санација наместо осигурителна компанија ќе треба да бидат покриени од државниот буџет, односно од парите на граѓаните. Во извештајот се нотира дека во планот за јавни набавки на Министерството за 2026 година, планирана е набавка за осигурување на движен и недвижен имот. Слабости се нотирани внатрешната контрола. Во одделението за внатрешна ревизија работело само едно лице, советник – внатрешен ревизор на обука, и во текот на 2024 година не била извршена ниту една внатрешна ревизија.
„Неекипираноста на одделението за внатрешна ревизија, како и неизвршени ревизии не овозможува исполнување на основната задача на внатрешната ревизија да придонесе за зголемување на вредноста и подобрување на работењето на субјектот, применувајќи систематски, дисциплиниран пристап за процена и подобрување на ефективноста во процесите на управување со ризикот, контролата и управувањето“,
се наведува во извештајот, во кој се додава дека во текот на ревизијата биле направени измени и дополнувања на правилникот за систематизација на работни места во Министерство за дигитална трансформација и бројот на внатрешни ревизори е зголемен на три.
Пополнети 43 проценти од систематизираните работни места
До денот на известувањето од ревизијата не биле пополнети 43 проценти од систематизираните работни места во Министерството. Раководни позиции недостасувале во четири од десет сектори, а во шест одделенија немало ниту едно вработено лице. Ревизијата била спроведена од 3 ноември 2025 до 16 април 2026 година. Наоди укажуваат на потреба од целосен попис, расчистување на евиденцијата за недвижниот имот, навремено заведување на обврските и построго почитување на правилата за јавни набавки.
