Измените на Законот, велат од Министерството, произлегуваат од досегашната негова примена, која покажала дека е потребно негово усогласување со актуелните економски услови и реформските приоритети од Реформската агенда и Планост за раст на Европската Унија за земјите од регионот на Западен Балкан
Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, кои, според Министерството за финансии, треба да го модернизираат системот на јавни набавки. Новите измени, велат од ресорот, предвидуваат решенија за заголемување на транспаретноста и конкуренцијата при јавните набавки, дигитализација, но и поодговорно користење на парите на граѓаните.

Една од главните новини е задолжителното користење на критериумот – најдобар сооднос помеѓу цената и квалитетот. Ова, како што појаснуваат од Финансии, значи дека при изборот на најповолната понуда ќе се зема предвид и квалитетот и долгорочната оправданост на набавката.
Друг клучен сегмент е унапредувањето на електронскиот пазар на набавки од мала вредност. Целта, како што се наведува, е да се зголеми неговата употреба и да се поттикне поголема конкуренција меѓу економските опертатори.
Измените на Законот, велат од Министерството, произлегуваат од досегашната негова примена, која покажала дека е потребно негово усогласување со актуелните економски услови и реформските приоритети од Реформската агенда и Планост за раст на Европската Унија за земјите од регионот на Западен Балкан.
Со законските измени се прошируваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки, што овозможува користење современи дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција. Целта на оваа новина, според Министерството, е поефикасно следење на постапките, навремено препознавање ризици и спречување можни злоупотреби. Дополнително, посочуваат оттаму, се создава и правна основа за воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции и релевантни субјекти.
Кога станува збор за зголемување на транспарентноста, во таа насока со измените на Законот се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност кај постапките со преговарање без објавување оглас во законски утврдените случаи.
„Со ова се овозможува поголем увид на јавноста и економските оператори, а истовремено се поедноставуваат одредени административни процедури“,
велат од Финансии.
Измените опфаќаат и професионализација на кадарот кој работи на јавните набавки. Наместо периодична ресертификација преку повторно полагање испит, сега се воведува систем на континуирано професионало усовршување на службениците за јавни набавки.
Дополнително, се усогласуваат вредносните прагови за примена на Законот со економските услови и растот на трошоците. Се ревидираат и надоместоците за жалбена постапка, со што, според Министерството, треба да се задржи принципот на достапна и ефикасна правна заштита.
Усвоените законски измени се дел од пошироките реформски активности за модернизација на системот на јавни набавки и негово усогласување со европските стандарди. Ефектот што се очекува, според Министерството за финансии, е поголема транспарентност, посилна конкуренција и поефикасно управување со јавните средства.
