„Филипче сега се обидува да се претстави како жесток критичар на Александар Вучиќ, но сите добро се сеќаваме на периодот кога тој и Зоран Заев градеа блиски политички односи со него, склучуваа пактови, а имаше големи дружби и пијанчења до раните утрински часови“, се вели во соопштението од владејачката партија
Венко Филипче не може да избега од сопственото политичко минато, ниту тоа ќе му успее со илјада прес-конференции, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), за недоследност во критиките кон српскиот претседател Александар Вучиќ.

Од партијата велат дека Филипче денес се обидува да се претстави како остар критичар на Вучиќ, иако претходно, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, градел блиски политички односи со него.
„Филипче сега се обидува да се претстави како жесток критичар на Александар Вучиќ, но сите добро се сеќаваме на периодот кога тој и Зоран Заев градеа блиски политички односи со него, склучуваа пактови, а имаше големи дружби и пијанчења до раните утрински часови“,
се вели во партиското соопштение.
Како аргумент за своите тврдења, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат видеоснимки што излегле во јавноста, од приватни забави на кои, според нив, Филипче и Заев се веселат во Дубаи со пејачот Харис Џиновиќ.
Дополнително од партијата велат дека има и снимки на кои се гледаат српскиот претседател Вучиќ и претставници на неговата влада на забави со истиот пејач.
„Постојат видеа познати на јавноста, на кои јасно се гледа како Зоран Заев и Венко Филипче се веселат на журка во Дубаи додека им пее Харис Џиновиќ, а ги има и такви на кои, на приватна журка, исто така, со Џиновиќ се гледа Ана Брнабиќ заедно со други министри на Вучиќ. Исто така, постои и видео од самиот Вучиќ, на кое се гледа како ужива во песните на Џиновиќ“,
додаваат во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на пречекот на Вучиќ на границата, како и на, според нив, поврзаноста меѓу СДСМ и српскиот претседател преку кадровски решенија во енергетскиот сектор и во партијата. Притоа, тие ги споменуваат и назначувањето директор на ЕСМ и ангажманот на Башановиќ во СДСМ.
„Венко Филипче и Александар Вучиќ се едно исто“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека политичкиот пад на СДСМ, според нив, сега е проследен и со тој на Вучиќ.
Во соопштението, партијата се повикува и на изборните резултати на СДСМ во Скопје, Куманово и Брвеница, тврдејќи дека партијата бележи сè послаби резултати.
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека допрва ќе открива дополнителни детали за, како што наведува, поврзаноста меѓу Филипче, Заев и Вучиќ.
Врз основа на прелиминарните резултати, во српскиот парламент влегуваат Студентската листа со 140 пратенички места, која има апсолутно мнозинство, листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ со 104 места, како и четири листи на малцинствата, кои освоиле вкупно шест пратенички места.
