Изолирани ситуации во реновираниот дом може да настанат сами по себе, но објектот е под гарантен рок и изведувачот постапува и ги санира. Но, несакани ситуации може да бидат предизвикани и од корисници, за што апелиравме на одговорно користење при самото пуштање на објектот, посочуваат од МОН
По информациите дека во дел од собите протекува вода, неполн месец по реконструкцијата на домот „Стив Наумов“, од Министерството за образование и наука велат дека станува збор за изолирани ситуации кои може да настанат сами по себе, но дека објектот е под гарантен рок и изведувачот постапува и ги санира. Според образложението на министерството, дел од проблемите настанале и поради неодговорно однесување на корисниците.
„Раководството на домот се соочи со запушена канализација поради фрлени влажни марамици; активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба; откорнат радијатор; паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот…Сите ситуации се надминати“,
велат од МОН.

Условите во „Стив Наумов“ се одлични, а храната согласно пропишани нутритивни стандарди и тоа може да се види во секое време, наведуваат од Министерството за образование во реакција на прес-конференцијата на СДСМ, од каде вчера обвинија дека во реновинраниот студентски дом нема ниту греење, ниту топла вода.
„По сите неостварени ветувања на СДСМ за подобар студентски стандард во период од седум години, дури и ветувања за изградба на нов „студентски град“, Министерството за образование и наука со поддршка од ЕУ во јули 2024 година ја започна и неодамна ја заврши реконструкцијата на државниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Тоа е првиот од вкупно девет домови кои ќе бидат темелно и енергетски ефикасно реновирани во текот на мандатот на актуелната Влада. Отстапки нема да има, младите се во фокусот на политиките на МОН“,
додаваат од МОН.
Вчера потпретседателот на СДММ, Бојан Цветаноски обвини дека условите во „Стив Наумов“ се лоши и дека реконструкцијата на домот вредна десет милиони евра не издржала ниту еден месец.
„Влага, вода што протекува од сите страни, нема греење, нема топла вода! Нели „Стив“ ќе беше хотел од А-категорија? Вака ли изгледа хотел од А-категорија, со прокиснати соби и влага по ѕидови? Се потрошија 10 милиони, а наместо подобри услови, студентите немаат ниту основни услови за живот! За што се потрошија милионите? Каде завршија парите? Повторно во сомнителни партиски тендери? Очигледно, поважно е да се набават автомобили на лизинг, отколку обезбедување достоинствени услови за студентите. Двојно ја зголемивте партиципацијата за сместување. За што студентите плаќаат 6.600 денари месечно? За прокиснати соби и мизерни услови? Веќе не можете да ги лажете студентите! Бараме итно одговорност“,
рече Цветаноски.
Претходно и дел од медиумите објавија дека во дел од собите на реновираниот дом се забележува влага по ѕидовите. Како што пренесе „Студентарија.мк“, дел од студентите кои до нив испратиле фотографии и видеа, се жалат дека на време алармирале за проблемот со протекувањето вода во собите, но немало реакција од страна на надлежните институции.
Реконструираниот дом „Стив Наумов“ беше пуштен во употреба на 30 септември.
